Комитетот за граѓански слободи, правда и внатрешни работи (ЛИБЕ) го одобри текстот на законот во понеделник со поддршка на централната-десница, десницата и крајната-десница, кршејќи го традиционалното центристичко мнозинство во парламентот, објави Јуроњуз.
Левичарските групации го објавија своето противење на предлогот, за кој сега мора да гласа целиот состав на парламентот. Гласањето во комитетот го потврди трендот Европската народна партија (ЕПП) да се здружи со десничарските Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) и крајно-десничарските Патриоти за Европа (ПфЕ) и Европа на суверени нации (ЕСН) по прашањата за миграцијата.
Преговорите во рамките на традиционалното мнозинство, составено од ЕПП, Социјалистите и демократите (СиД), либералите од клубот Да ја обновиме Европа и Зелените, пропаднаа, а текстот предложен од известувачот, холандскиот либерален пратеник Малик Азмани, на крајот беше отфрлен.
Главниот преговарач на ЕПП, Франсоа-Ксавиер Белами, ги обвини социјалистите за недостаток на ангажман и отфрлање на основните принципи на законот. „Итно треба да направиме нешто во врска со нерегуларната миграција, со оглед на тоа што само 20% од одлуките за враќање се спроведуваат низ цела Европа“, изјави тој за новинарите по гласањето.
Од друга страна, левичарските групации остро го критикуваат исходот. „Усвоениот текст одразува расистичка и популистичка идеологија. Ќе ги загрози животите на луѓето и ќе им го наруши достоинството“, изјави за Јуроњуз пратеничката на Зелените, Мелиса Камара, тврдејќи дека ги крши „фундаменталните принципи на владеењето на правото“.
Регулативата за враќање беше предложена од Европската комисија во март 2025 година и беше поддржана од земјите-членки минатиот декември. Со неа би се воспоставило меѓусебно признавање на одлуките за враќање на мигранти меѓу земјите-членки и би им овозможило на властите да претресуваат станбени или „други релевантни простории“ каде што може да престојуваат државјани на трета земја со налог за протерување.
„На земјите-членки е да им дадат приоритет на своите агенции за спроведување на законот за да се осигурат дека овие правила ефикасно се спроведуваат, отворајќи го патот за ефикасна политика за враќање“, изјави за Јуроњуз пратеникот Чарли Вајмерс, главен преговарач за клубот ЕЦР.
Критичарите предупредуваат дека одредбата би можела да доведе до рации слични на оние што ги спроведува Службата за имиграција и царина на САД (ИЦЕ), кои предизвикаа протести и судири во САД.
„Ова потенцијално би ја отворило вратата за полицијата да врши рации во домовите на лица осомничени за сместување на мигранти, како и во канцелариите и засолништата на хуманитарните организации“, изјави за Јуроњуз Силвија Карта, службеничка за застапување во мрежата на мигрантски организации Пикум.
Таа верува дека во некои земји-членки, уставните или законските одредби би можеле да ја спречат примената на законот, но се плаши дека на други места регулативата би ги проширила овластувањата за спроведување истраги без јасна правна рамка, како што е судска наредба.
Законот исто така ќе им овозможи на земјите од ЕУ да враќаат нерегуларни мигранти во трети земји, кои не се нивни земји на потекло, под услов да имаат билатерални договори со таа земја за изградба на притворни „центри за враќање“ на својата територија.
Според предлогот, овие центри можат да служат како транзитни точки или места за продолжен престој, што покренува прашања за правата на мигрантите бидејќи тие би биле вратени во земји со кои немаат врски. Невладините организации, исто така, изразуваат загриженост за почитувањето на основните права во ваквите центри надвор од ЕУ, осудувајќи го недостатокот на заштитни механизми и одговорност.
Одговорноста е префрлена исклучиво на земјите-членки, бидејќи Европскиот парламент од предлогот ја отстрани одредбата за формирање независно тело за следење на спроведувањето на договорите со трети земји, што првично беше предложено од Комисијата.
„Фактот дека овие центри би можеле да се основаат врз основа на договори, неформални меморандуми за разбирање или други форми на согласност би значело дека нема јасни и цврсти правни стандарди за надзор“, рече Карта.
Текстот усвоен од одборот на ЛИБЕ, исто така, го менува правилото за автоматско одложување на протерувањето во случај на жалба. Според постојниот закон, секое протерување се суспендира до конечна судска одлука, додека според новиот предлог, судските органи би ја донесувале таа одлука за секој случај посебно.
По гласањето на целиот состав на Парламентот, конечната верзија на предлогот ќе се преговара со земјите-членки. Со оглед на тоа што разликите меѓу ставовите на Парламентот и Советот се минимални, законот би можел да стапи во сила веќе во наредните месеци.






