понеделник, 9 февруари 2026

Европски извештај: Политиката на Трамп е самоубиство на суперсила

Европа дојде до болно сознание дека мора да биде поодлучна и воено независна од авторитарната американска администрација која повеќе не ја дели нејзината посветеност на либералните демократски норми и вредности. Тоа е главната порака на извештајот подготвен за Минхенската безбедносна конференција што започнува оваа недела, кој исто така ја признава потребата од поголема воена автономија, објавува „Гардијан“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Извештајот ја поставува сцената за целосна идеолошка конфронтација со Белата куќа на Трамп на годишниот состанок на експерти за безбедносна политика. Во сега веќе озлогласениот говор на минатогодишната конференција, американскиот потпретседател Џеј Ди Венс тврдеше дека европските елити ја задушуваат слободата на говорот и „ја отвораат вратата“ за масовна миграција. Тој говор го означи моментот кога Европа сфати дека администрацијата на Трамп повеќе нема да биде сигурен трговски и безбедносен партнер.

Оттогаш, европските лидери и тимот на Доналд Трамп се вклучени во низа конфликти, вклучувајќи го и американскиот притисокот да ја принудат Украина да направи територијални отстапки кон Русија, заканите на Трамп да го заземе Гренланд и низа протекционистички американски мерки, од царински бариери до забрани за инвестиции.

Поделбата јасно ја посочи и канадскиот премиер Марк Карни во својот говор на Светскиот економски форум во Давос минатиот месец, предупредувајќи за раскол меѓу САД и неговите западни сојузници.

Проценката на Венс за европскиот пад е дополнително нагласена во најновата американска стратегија за национална безбедност, која ги обвинува европските лидери за надгледување на „цивилизациско бришење“. Неодамна, самиот Трамп ја омаловажи храброста со која европските членки на НАТО се бореа во Авганистан, предизвикувајќи длабока навреда кај европските воени команданти.

Венс не се очекува во Минхен оваа година, но најавено е присуство на американскиот државен секретар Марко Рубио и конгресна делегација. Во исто време, анкета нарачана за извештајот покажува дека Европејците се сè поподготвени да дејствуваат без американско водство, за кое велат дека повеќе не е ни потребно.

Извештајот од Минхенската безбедносна конференција го обвинува Трамп за желба за уништување и за усогласување со Владимир Путин. „Поголемиот дел од Европа со растечка загриженост, дури и ужас, го следи спуштањето на Соединетите Држави во „компетитивен авторитаризам“ и се прашува колку е навистина отпорна американската демократија“, се вели во извештајот.

Во него се вели дека Соединетите Американски Држави се одвратиле од либералните принципи што го поткрепувале повоениот поредок и дека Вашингтон можеби создава пост-американски поредок. „Додека поддржувачите на политиките на претседателот Трамп веруваат дека така ќе „ја направат Америка повторно голема“, критичарите тврдат дека овие политики се во суштина „самоубиство на суперсила““, се вели во документот.

Европските лидери сфатија дека зависноста од американската војска и политиката на попуштање ги достигнува своите граници, се додава.

„Европејците неодамна мораа да признаат дека е речиси невозможно да се отфрлат трговските договори што се спротивни на правилата за отворена трговија или да се спротивстават на флагрантните кршења на суверенитетот на другите земји ако сте во голема мера зависни од воена помош од земја што користи принудни тактики и ги крши постојните норми. За Европејците и некои од нивните партнери во Индо-пацифичкиот регион, кои долго време се потпираа на Вашингтон да го завршува потешкиот дел од работата во одбраната на нивните интереси, ова е особено болно сознание.“

Извештајот сугерира дека европските лидери треба да се прилагодат на техниките на администрацијата на Трамп и да бидат похрабри во донесувањето одлуки и комуникацијата. „Ефикасното соочување со нарушувачите бара многу повеќе политичка храброст и иновативно размислување. Актерите кои ги бранат меѓународните правила и институции мора да бидат исто толку храбри како и оние кои сакаат да ги уништат“, се вели во извештајот.

Се додава дека „потпирањето на стерилни изјави, предвидливи конференции и претпазлива дипломатија“ во свет каде што противниците станаа понемилосрдни и поиновативни е рецепт за неуспех.

„Во ерата на политиката на уривање, оние кои стојат настрана се постојано во опасност да бидат затрупани. Со оглед на обемот на уривањето што веќе се случува, повеќе не е доволно самото впуштање во реактивни, мали напори за враќање на стариот поредок. Оние кои се спротивставуваат на политиката на уништување мора да ги зајакнат клучните структури, да смислат нови, поодржливи дизајни и самите да станат храбри градители. Премногу е во прашање. Всушност, сè е во прашање.“

Извештајот исто така го оспорува тврдењето на Ванс дека европските елити станале авторитарни цензори. „Додека водечките личности во администрацијата на Трамп ја обвинија Европската Унија и поединечните европски влади за цензура, а Украина за непочитување на демократските вредности, тие во голема мера се воздржаа од какви било остри критики кон Москва, и покрај континуираната руска домашна репресија и меѓународната агресија“, се вели во извештајот.

Исто така, се истакнува дека новата стратегија за национална безбедност на САД дури и не вклучува поглавје посветено на Русија. „Додека администрацијата на Бајден ја сметаше својата поддршка за украинската самоодбрана од руската агресија како стратешки интерес и морална должност, Трамп и неговиот тим честопати покажуваа вознемирувачка склоност кон рускиот претседател Владимир Путин.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ