Истовремено, ЕУ очекува Црна Гора, како земја кандидат во која и понатаму се спроведува програмата на државјанства во замена за инвестиции, да се воздржи од какви било мерки кои би можеле да го загрозат постигнувањето на целите на ЕУ, порача Брисел.
Портпаролката на ЕК Ана Писонеро Хернандез соопшти дека Комисијата внимателно ја следи ситуацијата на Западниот Балкан, „вклучувајќи го развојот на настаните кои можат да се сфатат како заобиколување на мерките кои се применуваат во рамки на надворешната и безбедносната политика на ЕУ“.
„Како земја кандидат, Црна Гора треба да се воздржи од какви било мерки кои би можеле да го загрозат постигнувањето на целите на ЕУ, вклучувајќи го и користењето на своите прерогативи за доделување државјанства“, кажа Писонеро.
Според неа, Европската комисија „доследно ја советувала Црна Гора да ја укине својата шема на државјанства на инвеститорите поради ризикот кој го претставува, како перење пари, затајување данок, финансирање на тероризам, корупција и инфилтрација на организиран криминал.
Во Брисел потсетуваат дека во 4 извештај на Механизмот за суспензија на визи, ЕК ѝ препорачала на Црна Гора што побрзо да ја прекине шемата на државјанства за инвестиции.
Владата на Здравко Кривокапиќ на крајот на 2021 одлучи да ја продолжи примената на „Програмата за стекнување државјанства со посредство на инвестиции“, која една година претходно ја почна владата на Душко Марковиќ, до крајот на 2022.
Владината програма предвидува странските државјани кои инвестираат меѓу 250.000 и 450.000 евра да стекнат право да станат црногорски државјани.






