понеделник, 30 март 2026

Европејците протестираат против руската агресија: „Ќе бидеме тука додека Путин не замине“ (ВИДЕО)

Објавено на

часот

Сподели

За време на викендов, десеттиот ден од руската инвазија на Украина, во голем број европски метрополи се планирани собири за поддршка на земјата. „Ќе бидеме таму секој викенд, во Париз или на друго место, се додека Путин не замине, додека не ги повлече своите тенкови“, изјави за АФП Алин Ле Баил-Кремер, членка на иницијативата за собир во француската престолнина, организиран под името „Заедно со Украина“.

„Многу е важно да се биде овде“, рече демонстрантот Бернар Арно (47), облечен во син костум и жолта кошула, боите на украинското знаме. „Путин е непредвидлив. Ќе доаѓам овде секогаш кога е можно“, додаде тој, додека неговите истомисленици истакнувале транспаренти „Стоп за војната“, „Путин, убиец“ и „Спасете ја Украина“.

Во повеќе од сто француски градови се планирани собири за поддршка на Украина, а полицијата очекува да се соберат околу 25.000 демонстранти. Стотици луѓе се собраа на плоштадот Трафалгар во Лондон, демонстрирајќи против руската инвазија на Украина.

Развиле огромен транспарент на скалите на Националната галерија на кој пишувало: „Кога ќе падне и последниот украински војник, дами и господа, Путин тогаш ќе дојде по вас“. Други носеле плакати на кои пишувало „Путин терорист“ и „Заштитете ја Украина, спасете ја Европа“, а многу демонстранти биле обвиени со сини и жолти украински знамиња.

Десетици илјади луѓе протестирале во Цирих, најголемиот град во Швајцарија, барајќи повлекување на руските војници од Украина, јави швајцарската новинска агенција АТС. Како и минатата недела, планирани се протести и во неколку други швајцарски градови, особено во сојузната престолнина Берн. Во Цирих демонстрантите се обединиле под слоганот „Мир сега“. Носеле натписи „Стоп за војната“ и „Мир“ како и украински знамиња.

Околу 30.000 демонстранти се собрале во саботата во Хамбург за да демонстрираат против руската инвазија на Украина, соопшти локалната полиција.

Илјадници луѓе учествувале на огромниот мировен марш организиран во центарот на Рим од неколку синдикати и голем број невладини организации за да протестираат против истиот настан и да кажат „не“ на Путин и НАТО.

„Нема база, нема војници, Италија надвор од НАТО“, скандирале пацифистите во поворката на која ѝ претходело големо знаме во боите на виножитото. Многумина носеле транспаренти „Не на Путин, не на НАТО“. „Ова е можеби една од првите вистински демонстрации за мир“.

„Никој овде не верува дека мирот се склучува со оружје, дека можеме да го постигнеме со испраќање оружје на едната страна“, изјави за АФП познатиот италијански карикатурист, актер и писател Вауро Сенези. „Не ја запираме војната со други војни и не ја запираме со испраќање оружје на украинскиот народ“.

„Војната ја запираме со испраќање на ОН во Украина“, рече Маурицио Ландини, шефот на најважната италијанска синдикална конфедерација, ЦГИЛ. Минатиот викенд исто така имаше протести низ Европа. Неколку илјади се собрале во Москва, околу 100.000 во Берлин, 70.000 во Прага, 40 илјади во Мадрид.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ