петок, 13 февруари 2026

Европејците гледаат сè поголема опасност за безбедноста, но ѝ веруваат на ЕУ

Повеќе од две третини од Европејците веруваат дека нивната земја е под закана во моменталната меѓународна ситуација, според резултатите од новата анкета на Евробарометар објавена денес, кога започнува Минхенската безбедносна конференција.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Истражувањето на Европската комисија покажа и дека мнозинството испитаници би ѝ довериле на ЕУ зајакнување на одбраната и дека ги сметаат инвестициите во оваа област за важни.

Испитаниците низ ЕУ, исто така, ги гледаат вселенските програми на Унијата како клучни инструменти за одбрана и безбедност, прашања поврзани со животната средина и климата, како и конкурентност.

Резултатите покажуваат дека 68 проценти од граѓаните на ЕУ веруваат дека нивната земја е под закана, при што 80 проценти во Франција и повеќе од 70 проценти во Холандија, Данска, Кипар и Германија.

Дека им е загрозена личната безбедност веруваат 42 проценти од испитаниците во ЕУ, соопшти Европската комисија.

Во исто време, мнозинството (52 проценти) веруваат дека ЕУ ќе ја зајакне безбедноста и одбраната, а во Луксембург, Португалија, Кипар и Литванија оваа бројка е над 70 проценти.

Три четвртини од анкетираните го одобруваат сегашното ниво на инвестиции на ЕУ во одбраната или веруваат дека тие трошоци треба да бидат поголеми, најголем број од оние кои мислат така се во Литванија, Португалија, Финска и Шпанија.

Како клучен приоритет на вселенската политика на ЕУ, 53 проценти од Европејците ја гледаат одбраната и безбедноста, 36 проценти животната средина и климата, а 31 процент конкурентноста и растот на европската индустрија.

Во анкетата учествувале повеќе од 27.000 испитаници од 27 земји-членки на ЕУ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ