Во резолуцијата усвоена денеска со 513 гласа за, 22 против и 19 воздржани, европратениците повикаа на дополнителни санкции против Русија, вклучително и „итно целосно ембарго за увозот на руска нафта, јаглен, нуклеарно гориво и гас што е можно поскоро“.
Ова треба да биде придружено со план за гарантирање на безбедноста на снабдувањето со енергија во ЕУ, како и стратегија за „запирање на санкциите доколку Русија преземе чекори за враќање на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници и целосно да ги отстрани своите војници од државната област на Украина“.
Постојните санкции сега мора целосно и ефективно да се применат низ ЕУ и меѓународните сојузници на ЕУ како приоритет, побараа пратениците. Тие ги повикаа лидерите на ЕУ да ја исклучат Русија од Г20 и другите мултилатерални организации, како што се УНХРЦ, Интерпол, Светската трговска организација, УНЕСКО и други, „што би било важен знак дека меѓународната заедница нема да се врати на старо со државата агресор“.
За да ги направи санкциите поефективни, парламентот повика на исклучување на руските банки од системот СВИФТ, забрана за сите бродови поврзани со Русија да влегуваат во територијалните води на ЕУ и да се закотвуваат во пристаништата на ЕУ, како и да се забрани патниот транспорт од Русија и Белорусија. Пратениците бараат и запленување на „целиот имот на руските функционери или олигарси поврзани со режимот на Путин, нивните претставници и посредници, како и имотот во Белорусија поврзан со режимот на Лукашенко“.
Укажувајќи на соучеството на Белорусија во војната во Украина, резолуцијата бара санкции против Белорусија да следуваат по санкциите наметнати на Русија за да се затворат сите дупки во законот што му дозволуваат на Путин да ја користи помошта на Лукашенко за да ги заобиколи санкциите, соопшти Европскиот парламент.
Испораките на оружје мора да продолжат и да се интензивираат
Пратениците укажаа на „шокантните злосторства што несомнено се сметаат за воени злосторства“ извршени од руските војници во Украина, особено во Буча, и на целосното или речиси целосното уништување на Мариупол, Волновак и други градови и села. Тие нагласија дека сторителите на воените злосторства мора да одговараат и побараа формирање специјален трибунал на ОН за злосторства во Украина.
Парламентот повтори дека снабдувањето со оружје мора да продолжи и да се зајакне за да може Украина ефикасно да се брани. Европратениците ја поддржуваат натамошната одбранбена помош за украинските вооружени сили обезбедена од поединечни земји-членки на ЕУ, односно заеднички обезбедена во рамките на Европскиот инструмент за мировна помош.
Истакнувајќи дека речиси 6,5 милиони Украинци се внатрешно раселени и дека повеќе од 4 милиони луѓе ја напуштиле земјата поради војната, пратениците повикаа на воспоставување безбедни хуманитарни коридори за евакуација на цивилите што бегаат од бомбардирањето и на зајакнување на мрежите за хуманитарна помош на ЕУ во Украина.
Тие ја осудија руската реторика, наведувајќи дека можат да прибегнат кон употреба на оружје за масовно уништување и нагласија дека на секој таков обид ќе биде одговорено со најтешки последици.






