Западот треба да ја исклучи Русија од системот СВИФТ за меѓународни банкарски плаќања, или Украина ќе падне за неколку дена, изјави чешкиот претседател Милош Земан пред шефовите на државите од источниот блок на НАТО на денешниот самит.
„Имаме две опции – или ќе ја исклучиме Русија од СВИФТ, или за неколку дена ќе имаме целосна окупација на Украина од Русија“, се вели во текстот со неговиот коментар објавен на претседателската веб-страница.
„Јас сум за првата опција“, рече Земан.
Германија е подготвена да го поддржи исклучувањето на Русија од глобалниот меѓубанкарски платен систем СВИФТ, но прво мора да ги пресмета последиците врз својата економија, изјави министерот за финансии Кристијан Линднер.
„Отворени сме за тоа, но мора да знаете што правите“, им рече Линднер на новинарите по состанокот на Европскиот совет за економски и финансиски прашања во Париз, на кој се разговараше за санкциите против Москва по руската инвазија на Украина.
Линднер рече дека Европа мора да ги зајакне санкциите против Русија, додавајќи дека санкциите треба да ги опфатат претседателот Владимир Путин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, што потоа и се случи.
Претходно Украина и некои земји-членки на ЕУ побараа Русија да се исфрли од меѓународниот платежен систем СВИФТ, но таква одлука не беше донесена бидејќи Франција, Германија и Австрија оценија дека тоа ќе ѝ наштети на самата Европа и се залагаа за постепен пристап кон санкциите.
Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека заканите со санкции нема да ја одвратат Русија, туку само ќе доведат до нова ескалација, пренесе агенцијата РИА.






