вторник, 17 март 2026

Европа до Трамп: Немој да нè уценуваш. Ова не е наша војна

Европа во понеделник му испрати јасна порака на Доналд Трамп: нема да учествува во обезбедувањето на Ормускиот теснец. Министрите за надворешни работи на 27-те земји-членки се собраа во Брисел за да разговараат за повикот на американскиот претседател до европските земји да помогнат во обезбедувањето на клучниот воден пат, кој Иран го блокираше како одмазда за воздушните напади на САД и Израел.

Илустрација: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

По повеќечасовни разговори зад затворени врати, европските дипломати ја отфрлија идејата за проширување на поморската мисија на ЕУ „Аспидес“ и заклучија дека се работи за американски проблем што Вашингтон мора сам да го реши, пишува Политико.

Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи Каја Калас по состанокот изјави дека иако постои „јасна желба“ за зајакнување на поморската мисија на ЕУ на Блискиот Исток, „немаше волја за промена на мандатот“ за да се испратат воени бродови во теснецот.

„Европа нема интерес за бесконечна војна. Ова не е европска војна, но европските интереси се директно загрозени“, рече Калас. „Земјите-членки не покажаа волја да го прошират мандатот на Ормускиот теснец. Никој не сака активно да влезе во оваа војна“, повтори таа.

Трамп за време на викендот за Фајненшл тајмс изјави дека би било „многу лошо за иднината на НАТО“ ако европските земји не одговорат на неговиот повик. Тој објави на социјалните мрежи дека е во контакт со седум земји за обезбедување на теснецот, но не прецизираше кои.

Во понеделник, тој им рече на новинарите дека е уверен дека Франција ќе им помогне на Соединетите Американски Држави. „Мислам дека ќе го стори тоа. Разговарав со него вчера“, рече американскиот претседател, осврнувајќи се на францускиот колега Емануел Макрон. Но, тој додаде дека „не е задоволен“ од одговорот на Обединетото Кралство и дека е „многу изненаден“ откако премиерот Кир Стармер рече дека нема да биде вовлечен во „поширока војна“ поради Иран.

Иако Трамп инсистира дека на Америка „не ѝ треба никој“ и дека е „најсилната нација во светот“ и дека неговото барање е само тест на солидарност во време кога блокадата на теснецот од страна на Иран ги зголемува цените на нафтата. „Со години велам дека тие нема да одговорат ако некогаш ни бидат потребни“, рече американскиот претседател.

„Американците, заедно со Израелците, го избраа овој пат“, рече германскиот министер за одбрана Борис Писториус, додавајќи дека главната одговорност на Германија е да ја брани територијата на НАТО. „Ние не ја започнавме оваа војна“, нагласи тој.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц исто така ја отфрли идејата за вклучување на Берлин во конфликтот, кој избувна откако САД и Израел извршија напади врз Техеран на 28 февруари и го убија врховниот лидер на Иран. „НАТО е одбранбен сојуз, а не интервенционистички. Затоа на НАТО местото воопшто не е таму“, рече Мерц, додавајќи во очигледна критика кон Трамп: „Се надевам дека во рамки на Алијансата ќе се однесуваме едни кон други со должно почитување“.

Вицепремиерот на Луксембург Ксавиер Бетел, беше уште поотворен, велејќи дека неговата земја нема да прифати „уцена“ од Вашингтон. „Не барајте од нас да испраќаме војници“, им рече Бетел на новинарите во Брисел.

Американскиот амбасадор во НАТО Метју Витакер, го повтори повикот на Трамп, велејќи дека обезбедувањето на Ормускиот теснец е исто така во интерес на Европа, со оглед на увозот на нафта од регионот. „Трамп е апсолутно во право кога вели дека нашите сојузници треба да се заложат, да ни помогнат и да ги поддржат нашите напори“, додаде Витакер.

Ормускиот теснец, низ кој минува околу една петтина од светската нафта, останува практично затворен поради иранските закани, со што цената на нафтата се искачи над 100 долари за барел минатата недела.

Сепак, целосна мисија на НАТО во Иран засега е малку веројатна, според четворица дипломати на НАТО кои разговараа со Политико под услов на анонимност. Тие веруваат дека таквата мисија нема да добие едногласна поддршка, а нејзиниот придонес би бил мал.

Двајца дипломати, исто така, потврдија дека САД сè уште официјално не побарале поддршка во рамките на Алијансата. „Некои сојузници едноставно нема да бидат склони да се вклучат. Освен тоа, тоа не е директно област на одговорност на НАТО“, рече еден од дипломатите.

Лидерите на ЕУ се состануваат на самит во четврток, а во првичните нацрт-заклучоци во кои увид имал Политико се вели дека ќе повикаат на „деескалација и максимална воздржаност“ во Иран и целиот регион.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ