Според порталот Јуропеан Вестерн Балканс (ЈВБ), Србија се усогласила со одлуката на Советот на Европската Унија за продолжување на рестриктивните мерки против поранешниот украински претседател Виктор Јанукович, за кој се верува дека е руски државјанин, и водечки членови на раководството на Украина од 2010-2014 година.
Ова се наведува во Декларацијата на високиот претставник на Европската Унија објавена на веб-страницата на Советот на ЕУ на 12 март 2022 година. Како што неофицијално за порталот ЈВБ е потврдено од Европската служба за надворешни работи, Србија ја почитувала оваа одлука заедно со Црна Гора, Албанија, Македонија и Босна и Херцеговина.
Според Декларацијата, овие земји ќе се погрижат нивните национални политики да бидат во согласност со Одлуката на Советот.
Санкции за Јанукович и другите прво беа воведени во март 2014 година со одлука на Советот на ЕУ, а потоа секоја година се продолжуваа. Причината за воведувањето санкции е „злоупотреба на државни ресурси и кршење на човековите права“ за време на украинската криза 2013-2014 година, што доведе до анексија на Крим и прогласување независност на Доњецк и Луганск.
На 3 март 2022 година Советот на ЕУ ја продолжи важноста на овие санкции за една година, до 6 март 2023 година.
„Ова е првпат Србија да ги почитува санкциите на ЕУ по повод Украина“, потврдил за ЈВБ Игор Новаковиќ, директор за истражување во Фондот ИСАК и координатор на работната група на Националната конвенција за ЕУ за поглавјата 30 и 31.
Според Фондот, од 2014 година ЕУ дефинирала унифициран пристап и почнала со примена на рестриктивни мерки против Русија, односно поврзани лица и субјекти што се означени како одговорни за настаните во Украина.
Врз основа на Одлуката донесена од Советот во 2014 година, со која сега се согласи Србија, се замрзнуваат сите средства и економски ресурси на лицата наведени во одлуката. Покрај Виктор Јанукович, меѓу другите се и Микола Азаров, премиерот на Украина во времето на Јанукович, како и неколку поранешни членови на тогашната влада.
ЈВБ потсетува дека Виктор Јанукович беше претседател на Украина од 2010 до 2014 година, кога беше соборен со државен удар, по што побегна во Русија. Добитник е на Орденот на Србија на лента за заслуги во развојот и зајакнувањето на мирната соработка и пријателските односи меѓу Србија и Украина во 2013 година.






