„Сторителите на воени злосторства и други сериозни прекршувања, како и одговорните владини претставници и воените лидери, ќе одговараат. Руските власти се одговорни за овие злосторства, извршени додека тие имаа целосна контрола врз областа. Европската Унија ги поддржува сите мерки за да се обезбеди одговорност на руските вооружени сили за кршење на човековите права и меѓународното хуманитарно право во Украина“, се вели во писмената изјава објавена од Борел од името на Европската Унија.
Во соопштението најостро се осудуваат злосторствата извршени од руските вооружени сили во неколку окупирани украински градови што сега се ослободени.
„Вознемирувачките слики од голем број убиени цивили, како и уништувањето на инфраструктурата, го покажуваат вистинското лице на бруталната агресија на Русија против Украина и нејзиниот народ. Масакрите во Буча и другите украински градови ќе бидат на списокот на ѕверства извршени на европска почва“, се вели во соопштението.
Борел истакнува дека ЕУ целосно ја поддржува истрагата за воени злосторства и злосторства против човештвото, покрената од обвинителот на Меѓународниот кривичен суд и работата на Меѓународната истражна комисија, и дека Унијата им помага на јавниот обвинител на Украина и на граѓанското општество во собирањето и чувањето докази за воени злосторства.
„Ние сме целосно солидарни со Украина и нејзиниот народ во ова мрачно време за целиот свет. ЕУ ќе продолжи силно да ја поддржува Украина и итно ќе почне да работи на дополнителни санкции против Русија“, рече Борел во изјавата од името на ЕУ.






