сабота, 6 декември 2025

ЕУ воведува целосна забрана за рускиот гас, со регулативата се блокира ТПГ и гасот преку цевководи

Советот на ЕУ и Европскиот парламент постигнаа договор за регулатива со која се воведува правно обврзувачка, постепена забрана за увоз на руски течен природен гас (ТПГ) и гас преку цевководи, со целосна забрана од крајот на 2026 година, односно есента 2027 година.

Илустрација: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Договорот постигнат од пратениците доцна вчера вечерта за краткорочни договори склучени пред 17 јуни 2025 година предвидува забрана за увоз на руски течен гас од 25 април 2026 година и од 17 јуни 2026 година за гас испорачан преку цевковод. За долгорочните договори за увоз на течен гас, забраната ќе стапи на сила на 1 јануари 2027 година, како што е предвидено во 19-тиот пакет санкции против Русија.

Што се однесува до долгорочните договори за увоз на руски гас преку цевководи, забраната ќе стапи на сила на 30 септември 2027 година, под услов капацитетите за гас да бидат пополнети во доволна мера, а најдоцна до 1 ноември 2027 година. По агресијата на Русија врз Украина, лидерите на ЕУ се согласија на самитот во Версај во март 2022 година што е можно поскоро постепено да ја укинат зависноста од руските фосилни горива.

Како резултат на тоа, увозот на гас и нафта во ЕУ од Русија значително се намали во последните години. Сепак, додека увозот на нафта падна под 3 проценти во 2025 година благодарение на сегашниот режим на санкции, рускиот гас сè уште сочинува околу 13 проценти од увозот на ЕУ во 2025 година, во вредност од над 15 милијарди евра годишно.

„Ова е голема победа за нас и за цела Европа. Треба да ја прекинеме зависноста на ЕУ од рускиот гас, а трајната забрана за увоз е голем чекор во вистинската насока“, рече данскиот министер за енергетика Ларс Агард, чија земја претседава со Советот на ЕУ.

Политичкиот договор за регулативата сè уште треба да биде потврден од двете законодавни институции, Советот на ЕУ и Европскиот парламент, што се смета за формалност.

Европската комисија предложи регулатива за забрана на увозот на руски гас наместо санкции, бидејќи регулативата може да се усвои со квалификувано мнозинство, додека за санкции е потребна согласност од сите земји-членки. Со ова се заобиколува евентуалното вето од Унгарија или Словачка. Се очекува Комисијата да предложи забрана за увоз на руска нафта во Унгарија и Словачка до крајот на 2027 година во наредните месеци.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ