четврток, 1 јануари 2026

ЕУ соопшти дека е подготвена да ја прекине испораката на руски гас преку Украина

Европската комисија објави дека Европската унија е подготвена да ја прекине испораката на руски гас преку Украина по критиките на словачкиот премиер Роберт Фицо.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Портпаролката на Комисијата во понеделникот објави дека европската гасна инфраструктура е доволно флексибилна за снабдување на централна и источна Европа со гас што не е од руско потекло преку алтернативни рути. „Ефектот од прекинот на транзитот низ Украина врз европската безбедност е ограничен“, рече таа.

Според Комисијата, европската гасна инфраструктура е зајакната со значителен увоз на течен природен гас, а безбедноста на снабдувањето е зајакната во последните години со мерки за енергетска ефикасност и проширување на обновливите извори на енергија.

Украина, која речиси три години се противи на руската инвазија, на почетокот на следната година ќе го запре транзитот на руски гас. Постојниот договор за транзит истекува, а Киев однапред најави дека нема да се обновува.

Прекинот на снабдувањето претставува особена потешкотија за Словачка.

Во писмото до Комисијата, Фицо во неделата напиша дека „премолченото прифаќање на едностраната одлука на (украинскиот претседател Володимир) Зеленски“ за блокирање на транзитот на руски гас е погрешно и ирационално и ќе доведе до „зголемени тензии и реципрочни мерки“.

Според него, прекинот на транзитот повеќе ќе ѝ наштети на Унијата отколку на Русија.

Во петокот Фицо ѝ се закани на Украина дека неговата земја за возврат може да го прекине снабдувањето со електрична енергија, а Зеленски ја нарече заканата на Фицо наредба од Кремљ. Словачкиот премиер минатата недела го посети рускиот претседател Владимир Путин во Москва, поради што Европската унија и Украина остро го критикуваа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ