Нападот на мрежата КА-САТ на Виасат на крајот на февруари се случи токму во моментот кога руските сили го започнаа нападот врз Украина, пишува Ројтерс.
„Овој сајбер напад предизвика неселективни прекини во комуникацијата и погоди неколку јавни субјекти, компании и корисници во Украина, како и одреден број земји-членки на ЕУ“, се вели во соопштението на Советот на Европската унија.
„Се работи за недозволив напад, што е уште еден пример за континуираниот модел на неодговорно однесување на Русија во сајбер просторот, а кој е составен дел од нејзината незаконска и неоправдана инвазија на Украина“, се додава.
Британската министерка за надворешни работи Лиз Трас исто така ја критикуваше Русија за инцидентот, велејќи дека се работи за шокантен напад.
„Ова е јасен доказ за рускиот злонамерен напад врз Украина, кој имаше значителни последици за обичните луѓе и компании во Украина и низ Европа“, рече Трас.






