Во согласност со новите правила, државите членки на ЕУ мора да ги прифатат потврди за вакцинација на период од 270 дена, од завршувањето на примарната серија на вакцинација.
„За вакцина од една доза, тоа значи 270 дена од првата и единствена вакцина. За вакцината со две дози, тоа значи 270 дена од втората вакцина или, во согласност со националната стратегија за вакцинација, првата и единствена вакцина по оздравувањето од вирусот“, се наведува во соопштението на Европската комисија.
Се истакнува дека државите членки не би требало да предвидуваат поинаков период на прифаќање за потребите на патување во Европската Унија.
За третата, таканаречена „бустер“ доза на вакцините засега не се применува стандардниот период на прифаќање.
Европскиот комесар за правосудство Дидие Реиндерс изјави дека од 1 февруари постои правило низ ЕУ за тоа колку долго потврдите за вакцинација за примарната серија мора да бидат прифатени, кога се користат во контекст на прекугранични патувања.
„Ова го одразува ослабувањето на заштитата на вакцината и ја истакнува важноста од добивање дополнителна вакцина. Со поддршка од експертите на Европскиот центар за превенција и контрола на болестите и Европската агенција за лекови, Комисијата внимателно ќе следи дали се потребни идни дополнителни прилагодувања на ова правило. Овие правила важат само за потврдите за вакцинација кои се користат за патување во ЕУ“, кажа Реиндерс.
Од Европската комисија објаснуваат дека државите членки можат да применуваат различни правила кога го користат ЕУ дигиталниот ковид сертификат во домашен контекст, но се повикуваат да се усогласат со периодот на прифаќање кој е поставен на ниво на ЕУ.
Указот на ЕУ за дигиталниот ковид сертификат стапи на сила на 1 јули 2021 година.
Многу држави надвор од ЕУ ги стандардизираа потврдите за вакцинација со ЕУ.
Од земјите на Западен Балкан, само Босна и Херцеговина и Косово немаат европско признати потврди.






