ЕУ се договори да воведе нови санкции против Русија како одговор на одлуката на Москва да ги признае источноукраинските региони како независни држави. Санкциите се движат од ограничување на пристапот до европските финансиски пазари до таргетирање поединечни функционери што стојат зад овој потег, рече денеска највисокиот дипломат на ЕУ, Жозеп Борел.
Претстојните санкции „ќе ја заболат Русија, и тоа многу“, рече во Париз високиот претставник на ЕУ за надворешни работи, говорејќи заедно со францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан. Обвинувајќи ја Москва дека извршила „тешки прекршувања“, Борел рече дека ниту признавањето на Доњецк (ДПР) и Луганск (ЛПР), ниту натамошните чекори на Русија во Украина, нема да останат „невозвратени“.
ЕУ ќе таргетира 27 поединци и ентитети, „вклучени во поткопување на интегритетот на Украина“, рече Борел. Блокот ќе ги санкционира и сите 351 пратеник во рускиот парламент, Државната дума, кои гласаа за признавањето.
Според Борел, рускиот претседател Владимир Путин не е на списокот со санкции.
„Ќе го креваме нивото на санкциите пропорционално на руското однесување“, додаде Борел.
Борел додаде дека пакетот санкции ќе влијае и на руските финансии, ограничувајќи ја можноста на Москва да пристапува до финансиските пазари на ЕУ, но не даде дополнителни детали за тоа. Официјалниот претставник предупреди дека санкциите може дури и да се влошат во зависност од активностите на Русија во однос на Украина.
ЕУ сè уште е отворена за дипломатија и покрај тоа што се одлучи за воведување на новите санкции против Русија, рече Ле Дриан. „Овој цврст став ја остава отворена вратата за дипломатијата. Но во текот на изминатите неколку недели оваа напорна дипломатска работа заврши без никаков успех“, изјави главниот француски дипломат.






