„Ова е најголемиот пакет санкции“, објасни австрискиот канцелар и рече дека казнените мерки ќе ѝ нанесат тежок удар на руската економија.
Сепак, попладнево австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг рече дека Брисел нема да воведе забрани за патување на двајцата функционери, со што би им било забрането да го посетуваат 27-члениот блок.
Министрите за надворешни работи на ЕУ попладнево официјално ги усвоија своите одлуки за санкции против Русија, кои синоќа ги договори Европскиот совет.
Санкциите ги вклучуваат финансискиот сектор, енергетскиот и транспортниот сектор, стоките со двократна намена, како и контролата и финансирањето на извозот, визната политика и дополнителни списоци на руски поединци и нови критериуми за ставање на тие листи.
Украина и некои земји-членки на ЕУ побараа да се оди чекор понатаму и да се исфрли Русија од меѓународниот платен систем СВИФТ или да се забрани увозот на нафта. Но ваквата одлука не беше донесена бидејќи Франција, Германија и Австрија оценија дека тоа ќе ѝ наштети на самата Европа и се залагаа за постепен пристап кон санкциите.
„Вториот бран санкции со масовни и тешки последици беше политички договорен синоќа. Дополнителниот пакет е во итна подготовка“, напиша претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел на Твитер.
Претседателот на Европскиот совет рече дека бесмисленото страдање и загубата на цивилни животи мора да престанат и дека Европа стои покрај народот на Украина и ќе продолжи да дава поддршка.
Во текот на денот преку видеоконференција ќе се одржи и вонреден состанок на лидерите на НАТО. На маса е процената на безбедносните ризици за земјите-членки и зајакнувањето на воените капацитети на источното крило на Алијансата.






