Како што објави агенцијата ДПА во среда, ЕУ изрази „сериозна загриженост за широко распространетата практика на произволно притворање од страна на иранските власти за потиснување на критичките гласови во земјата“.
„Ги повикуваме иранските власти да ги ослободат сите лица неправедно притворени поради остварување на нивните фундаментални права, вклучително и слободата на изразување и собирање“, се додава во соопштението.
„Ова ја вклучува добитничката на Нобеловата награда за мир Наргес Мохамади, чие здравје останува кревко, како и други бранители на човековите права кои беа уапсени на 12 декември во Машхад“.
„Бранителите на човековите права мора да можат да ги изразат своите мислења и да ја извршуваат својата легитимна работа без ризик за својата слобода, во Иран како и на други места“, се вели во соопштението на ЕУ.
Мохамади, заедно со наводно 40 други активисти, беше уапсена на 12 декември за време на комеморацијата за адвокат за човекови права во Машхад, североисточен Иран. Тие наводно извикувале остри слогани против исламското раководство на земјата.
Мохамади ја освои Нобеловата награда за мир во 2023 година за нејзината борба против угнетувањето на жените во Иран.






