Таканаречениот механизам на владеење на правото ќе доведе до укинување на паричната помош ако земјата членка на ЕУ не ги почитува основните вредности на блокот. Тоа ги вклучува областите како владеење на правото, демократијата, слободата на печатот и независното правосудство, а одлуката доаѓа среде долготрајните спорови кои Брисел ги води со Полска и Унгарија, кои се обвинети дека не се придржуваат до основните вредности на ЕУ.
Случајот го почнаа Будимпешта и Варшава откако Европската комисија го воведе овој механизам за владеење на правото. Во декември генералниот адвокат на судот даде мислење и ги отфрли аргументите на Унгарија и Полска, кажувајќи дека таа политика е компатибилна со договорите на ЕУ.
Уредбата дозволува средствата на ЕУ да се блокираат за земја во која постои кршење на владеењето на правото, а блокадата или намалувањето на исплатата мора да го предложи Европската комисија и да го подржат најмалку 15 од 27 држави членки.
Механизмот се применува на средствата кои се исплаќаат од буџетот на ЕУ, а токму Полска и Унгарија се едни од земјите кои примаат најголеми средства од ЕУ.
Судското одобрување на овој инструмент ќе го зголеми притисокот врз Европската комисија, која е одговорна за неговото активирање.






