петок, 30 јануари 2026

Естонија бара ЕУ да го забрани влезот за поранешни руски војници, „Милион се, опасни се“

Естонија се залага за воведување забрана за влез во ЕУ за поранешните руски војници кои учествувале во војната против Украина, изјави естонскиот министер за надворешни работи Маргус Цахна на 29 јануари.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Талин, кој претходно овој месец им забрани на 261 руски борец влез во Шенген зоната, сега повикува на координиран пристап низ целиот блок, објавува Киев Индепендент.

„Не може да постои пат од Буча до Брисел“, изјави Цахна за новинарите во белгискиот главен град, додавајќи дека ќе го презентира предлогот на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ подоцна истиот ден.

„Во Русија има близу милион борци. Тие се претежно криминалци, многу опасни луѓе“, предупреди Цахна. „Имаме информации дека повеќето од нив ќе дојдат во Европа по војната. А Европа не е подготвена за тоа.“

Неименуван висок естонски дипломат изјави за „Политико“ дека постојните методи за идентификување и одбивање на влез на поединци се премногу бавни и специфични за секоја земја, поради што Естонија се залага за посилен пристап.

Друг европски функционер изјави за истиот медиум дека иако Естонија има право да воведе општа забрана, таа ќе биде тешко да се спроведе за многу други земји од ЕУ, кои ќе мора да го именуваат секој борец поединечно и да ги обезбедат потребните докази.

Замолена да го коментира предлогот, шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, рече дека „многу земји-членки“ изразиле поддршка за забраната за влез. „Тоа претставува јасен безбедносен ризик за Европа“, рече Калас.

„Ова е еден од чекорите за кои мора да се подготвиме“. Таа додаде дека блокот дополнително ќе се консултира со членките на ЕУ за да обезбеди план за периодот по постигнувањето на прекинот на огнот.

Во Русија, војниците што се враќаат од фронтот во Украина се поврзуваат со зголемување на криминалот. Во последните четири години, повратниците наводно убиле или повредиле повеќе од 1.000 луѓе, а случаите на грабежи и трговија со дрога се исто така во пораст. Познато е дека Русија масовно регрутира осуденици за војната во Украина, нудејќи им помилувања во замена за служба на бојното поле.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ