петок, 27 февруари 2026

Естонија бара 90 милијарди евра за Украина: Путин не може да си дозволи крај на војната

Рускиот претседател Владимир Путин не може да си дозволи крај на војната во Украина, изјави естонскиот премиер Кристен Михал, споредувајќи го владеењето на Путин со „возење велосипед“. Зборувајќи во утринската емисија на Јуроњуз „Европа денес“, Михал ја повика Европската Унија да деблокира 90 милијарди евра помош за Киев и да инвестира повеќе во одбраната, јави Јуроњуз.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Иако нагласи дека не тврди дека го разбира Путин, Михал верува дека логиката на диктатура го објаснува продолжувањето на агресијата на Москва, дури и додека преговорите се во тек. „Путин сега има повеќе војници отколку на почетокот на војната“, рече Михал. „Ако престане да убива во Украина, што ќе прави со нив?“

„Во Русија се слави херојот. Ако престане, ќе падне“, додаде тој. Михал предупреди дека преуранетиот мир без цврсти безбедносни гаранции може да предизвика нестабилност не само во Русија, туку и низ цела Европа.

Коментарите на естонскиот премиер доаѓаат во време кога планот на ЕУ за мобилизирање на 90 милијарди евра помош за Украина останува политички блокиран. Михал изрази верување дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, ќе најдат алтернативни начини за деблокирање на средствата.

„Тие имаат различни планови како да ги испорачаат тие пари“, рече тој, осврнувајќи се на посетата на европските лидери на Киев. Запрашан да разјасни за какви планови се работи, тој одби. „Тие ќе го кажат тоа“, рече кратко, нагласувајќи дека влоговите се високи.

„Ако Европа не може да донесе вака крупни одлуки во врска со нашата безбедност, тогаш веројатно ќе има бројни дискусии за тоа како Европа воопшто за нешто ќе одлучува во иднина“, рече тој.

Кога беше прашан за замрзнатите руски средства, кои често се споменуваат како можен извор на помош за Украина, Михал инсистираше дека таа опција останува „на маса“. „Тие средства сè уште се замрзнати, што е добро“, рече тој, истакнувајќи дека продолжувањата на санкциите порано мораа да се обновуваат на секои шест месеци, додека сега се поцврсто обезбедени.

Сепак, тој изјави дека обврската од 90 милијарди евра мора да се исполни без оглед на противењето на Унгарија и Словачка. „Ние донесовме одлука. Сите беа во просторијата“, рече тој. „Тие решија да се откажат, но ние сепак одлучивме.“

Михал се осврна и на ставот на унгарскиот премиер Виктор Орбан кон Русија, истакнувајќи дека тоа им е нејасно на лидерите на другите земји-членки на ЕУ. „Тој точно знае дека никој не го разбира неговиот став, според кој европската безбедност треба да ја бараме од диктаторот од Русија“, рече Михал.

Тој посочи дека претстојните избори во Унгарија би можеле да бидат „пресвртница“, додека во исто време има пошироки дискусии за тоа дали ЕУ треба да се движи кон поцентрализирано донесување одлуки, особено во областа на безбедноста. Тој, исто така, ја изнесе идејата за подобрени рамки за соработка што би ги вклучиле сојузниците надвор од ЕУ, како што се Норвешка, Обединетото Кралство, Канада и Исланд.

Зборувајќи за затегнатите трансатлантски односи, Михал рече дека постои тензија, но ги поддржа повиците на американскиот претседател Доналд Трамп Европа да преземе поголема одговорност за сопствената одбрана. „Европа треба да инвестира повеќе во безбедноста“, рече тој. „Тоа е порака што ја разбираме.“ Естонија годинава издвојува 5,4% од својот БДП за одбрана, што е една од највисоките стапки во НАТО.

„Не е лесно. Но, знам дека моите внуци ќе живеат во мир бидејќи нашиот сосед ќе знае дека сме сериозни“, рече Михал. Тој ја отфрли реториката што ја прикажува Европа како слаба или во опаѓање, тврдејќи дека континентот, ако ги исполни своите одбранбени обврски, ќе биде „во подобра состојба за пет, седум или десет години“.

Естонскиот премиер исто така остро ги отфрли тезите за Европа како „злато што го губи сјајот“ и нагласи дека континентот, и покрај предизвиците, останува една од „најслободните заедници на народи во светот“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ