Ендру, кој отсекогаш негирал какво било незаконско дело, беше специјален претставник на Велика Британија за меѓународна трговија и инвестиции од 2001 до 2011 година, што му овозможувало пристап до високи владини и деловни контакти низ целиот свет, јави Скај њуз.
Во е-пошта испратена на 21 јули 2011 година, денот кога беше објавена оставката на Ендру, Епстин напишал: „Претпоставувам дека знае дека ова е дело на Чарлс“. Пораката била одговор на соработник кој му јавил: „Имаше многу телевизиски извештаи за ПА, а ти си секогаш главна приказна. Лудо“. Скај њуз соопшти дека верува дека кратенката ПА се однесува на принцот Ендру.
Ендрју се повлече од своите должности поради зголемениот јавен притисок и критиките за неговото пријателство со Епстин, осуден сексуален престапник. Фотографија од нив двајца како шетаат низ Њујорк, која ги освои насловните страни неколку месеци пред неговата оставка, го зголеми притисокот. Три милиони документи објавени од Министерството за правда на САД даваат увид во приватни разговори од тоа време.
Осудениот финансиер испратил неколку е-пораки до пријателите тој ден за оставката на Ендрју. „Сигурен сум дека тоа е добро за него, сега ќе биде слободен“, напишал тој во една порака. Статија во весник за оставката на Ендрју била проследена и до Гислен Максвел, која го прашала: „Зошто?“ Епстин ѝ одговорил: „Мислам дека сака да заработува“.
Ендрју Маунтбатен-Виндзор беше уапсен минатата недела, на својот 66-ти роденден, под сомнение за злоупотреба на моќ на јавна функција. По 11 часа испрашување, тој беше ослободен, а истрагата продолжува.
Кралот минатата недела изјави дека Бакингемската палата ќе соработува со полициската истрага. „Сега ќе следи целосен, фер и правилен процес, во кој надлежните органи ќе го истражат ова прашање на соодветен начин“, рече монархот.
„Во ова, како што реков, тие ја имаат нашата целосна и безрезервна поддршка и соработка. Сакам да бидам јасен, законот мора да си го продолжи својот тек. Додека процесот е во тек, би било несоодветно да се коментира понатаму за ова прашање“, се додава во соопштението на кралот.
Ендру Маунтбатен-Виндзор отсекогаш негирал какво било кривично дело.






