понеделник, 15 декември 2025

Ел Салвадор изгласа неограничен број на претседателски мандати

Партијата на претседателот на Ел Салвадор Наиб Букеле вчера во Законодавното собрание одобри уставни измени што би овозможиле неограничен број претседателски мандати и ги продолжува истите на шест години, објави АП.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Претставничката Ана Фигероа од партијата Нуевас идеас предложи измени во пет члена од уставот. Предлогот исто така повикува на елиминирање на втор круг избори, каде што двајцата кандидати со најмногу гласови во првиот круг се натпреваруваат за претседателската функција.

Нуевас идеас и нејзините сојузници брзо ги усвоија предлозите, користејќи го своето големо мнозинство во собранието. Промените беа одобрени од 57 пратеници, а тројца беа против.

Букеле беше реизбран минатата година со убедливо мнозинство, и покрај уставната забрана, откако судиите на Врховниот суд назначени од неговата партија пресудија во 2021 година дека тој може да биде реизбран за втор петгодишен мандат.

Набљудувачите се загрижени дека Букеле имал план да ја консолидира својата власт уште во 2021 година, особено откако новоизбраниот Конгрес, со мнозинска поддршка од владејачката партија, ги разреши судиите на Уставниот совет на Врховниот суд. Овие судии беа последната бариера на моќта за популарниот претседател.

Оттогаш, Букеле стана сè попопуларен, а првичните загрижени реакции на американската администрација беа заменети со молк кога Букеле го објави својот реизбор. Со враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа во јануари, Букеле доби нов моќен сојузник и му понуди помош така што во нов затвор за членови на банди прифати повеќе од 200 депортирани лица од други земји.

Фигероа истакна дека федералните претставници и градоначалниците веќе имаат можност за повеќекратен реизбор. „Сите тие би можеле да бидат избрани повеќе пати преку волјата на народот, но единствениот исклучок беше претседателската функција“, нагласи Фигероа.

Таа исто така предложи скратување на сегашниот мандат на Букеле, кој треба да заврши на 1 јуни 2029 година, на 1 јуни 2027 година, за да можат да се одржат истовремено претседателските и парламентарните избори.

„Демократијата во Ел Салвадор е мртва“

Марсела Вилаторо од опозициската партија АРЕНА, една од трите што гласаа против предлогот, им рече на колегите дека демократијата во Ел Салвадор е мртва.

„Не разбирате што значи неогранична можност за реизбор: концентрација на моќ, слабеење на демократијата, корупција, клиентелизам и ширење на непотизам што ја задушува демократијата и политичкото учество“, предупреди таа.

Потпретседателката на Собранието Суеси Калејас изјави дека „власта се вратила таму каде што припаѓа – кај народот на Ел Салвадор“.

„Најкул диктатор во светот“

Букеле, кој се нарече себеси „најкул диктатор во светот“, е исклучително популарен, главно поради неговата решителна борба против моќните банди.

Граѓаните често ги игнорираат информациите дека и неговата влада, како и претходните, преговарала со банди, пред да прогласи вонредна состојба што дозволила масовни апсења и притворања на десетици илјади луѓе и суспендирање на некои уставни права.

Неговите безбедносни политики и политичкиот успех влијаеле врз појавата на слични лидери во регионот.

Во последните недели, владата на Букеле се соочи со меѓународни критики за апсењето на истакнати адвокати кои отворено ја критикуваа неговата власт. Една од најистакнатите организации за човекови права во земјата објави во јули дека ги преместува своите активности надвор од Ел Салвадор поради безбедноста на своите членови, обвинувајќи ја владата за „бран на репресија“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ