недела, 7 декември 2025

Екрем Имамоглу, поранешниот градоначалник на Истанбул, уапсен под обвинение за шпионажа

Суд нареди апсење на поранешниот градоначалник на Истанбул Екрем Имамоглу под обвинение за шпионажа поврзана со изборите во 2019 година, објави турскиот весник Созџу.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Јавното обвинителство во Истанбул на 24 октомври отвори кривична постапка против Имамоглу и неколку други функционери под сомнение за шпионажа.

Тие се осомничени дека овозможиле протекување на доверливи податоци за 4,7 милиони гласачи за време на изборите за градоначалник во 2019 година, кои потоа биле проследени на странски разузнавачки агенции.

„По 11 часа испрашување, судот во Чаглајан нареди апсење на Имамоглу, основачот на Теле 1, Мердан Џанардаг, и новинарот Неџати Озкан под обвинение за шпионажа“, објави весникот.

Лидерот на опозициската Републиканска народна партија Озгур Озел рече дека одлуката на судот претставува кршење на уставот и, според него, обид да се спречи Имамоглу да се кандидира на претседателските избори.

Во март, Универзитетот во Истанбул одлучи да ги поништи дипломите на Имамоглу и 27 други на барање на Државното обвинителство, со што го спречи да се кандидира за претседател.

Обвинителството бара речиси девет години затвор и забрана за политичка активност за Имамоглу во врска со истрагата за фалсификување на неговата диплома.

Членот на Републиканската народна партија, Имамоглу е градоначалник на Истанбул од 2019 година и беше реизбран на функцијата во 2024 година со речиси 12 посто разлика во однос на својот ривал од владејачката партија. Од 23 март, уапсениот градоначалник е во притвор во истанбулското предградие Силиври под обвинение за корупција. Барањето на обвинителот да го притвори во друга истрага за тероризам беше одбиено.

Во јули, судот го осуди политичарот на една година и осум месеци затвор поради закана кон државниот обвинител Акин Гурлек и неговото семејство.

Имамоглу рече дека обвиненијата за шпионажа се голема навреда.

„Ова е најсериозното и најапсурдно обвинение што може да се упати против мене. Според мене, шпионажата е еднаква на предавство. Затоа, земајќи го предвид предметното досие, апсолутно ги отфрлам сите обвиненија за шпионажа против мене. Како што веќе реков, не ги прифаќам обвиненијата што се насочени против мене. Верувам дека се соочувам со теорија на заговор. Пореално е да ме обвинеа дека го запалив Рим“, рече Имамоглу, додавајќи дека ќе ги искористи сите расположливи правни средства за да ја докаже својата невиност.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ