петок, 23 јануари 2026

ЕК подготвува голем инвестициски пакет за Гренланд

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен изјави дека Комисијата наскоро ќе претстави голем инвестициски пакет за Гренланд, во кој досега не се инвестирало доволно.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Работиме на зајакнување на односите на ЕУ со Гренланд и како дел од ова, Комисијата наскоро ќе предложи значаен инвестициски пакет“, изјави фон дер Лаен по вонредниот самит на ЕУ за трансатлантските односи.

Самитот беше свикан откако американскиот претседател Доналд Трамп испрати пораки дека сака да го анектира Гренланд, арктички остров во рамките на Кралството Данска. Неговите изјави во Давос дека нема да употреби сила за да го преземе Гренланд и дека нема да воведува дополнителни тарифи за европските земји беа дочекани со олеснување.

Претседателката на Комисијата нагласи дека Европската Унија досега не инвестирала доволно во Арктикот и неговата безбедност.

Претседателот на Европскиот совет Антонио Коста на заедничката конференција изјави дека САД и ЕУ имаат заеднички интерес за безбедноста во арктичкиот регион.

Коста ја поздрави најавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека нема да воведува нови тарифи за европските земји.

Зборувајќи за Мировниот одбор што го основа Трамп, Коста рече дека ЕУ има „сериозни сомнежи за голем број елементи од повелбата на одборот поврзани со неговиот опсег, управување и компатибилност со Повелбата на ОН“.

Коста и фон дер Лаен рекоа дека лидерите на земјите-членки сакаат трговскиот договор потпишан со земјите од Меркосур привремено да се применува и покрај одлуката на Европскиот парламент да ја одложи ратификацијата со барање Судот на ЕУ да разгледа дали договорот е компатибилен со договорите на ЕУ.

„Што се однесува до Меркосур… прашањето за привремена примена беше покренато од неколку лидери вечерва… и постои јасен интерес да се обезбеди што е можно поскоро примена на придобивките од овој важен договор“, рече фон дер Лаен.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ