понеделник, 22 декември 2025

Една година по поплавите, лидерот на Валенсија поднесе оставка

Карлос Мазон, лидерот на источниот шпански регион Валенсија, денес објави дека поднесува оставка поради начинот на кој неговата администрација се справи со катастрофалните поплави што го погодија регионот пред точно една година, објави Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Мазон се соочува со огромен притисок од јавноста и секојдневни повици за оставка, вклучително и од семејствата на жртвите, откако катастрофалните дождови на 29 октомври 2024 година одзедоа 229 животи и предизвикаа штета од милијарди евра.

„Не можам веќе вака“, им рече Мазон на новинарите по говорот во кој остро го критикуваше и одговорот на централната шпанска влада на кризата.

Жителите на погодените области, главно предградија јужно од градот Валенсија, ја обвинуваат регионалната влада дека предоцна издала предупредувања за опасност. Многумина тврдат дека алармите пристигнале дури откако зградите веќе биле под вода, поради што голем број жители се удавиле во најлошите поплави што ја погодиле Европа од 1967 година.

Во своето обраќање, Мазон не разјасни дали ќе бидат распишани предвремени избори или кој ќе биде негов привремен наследник. Исто така, остана нејасно дали тој го напушта и своето место во регионалното собрание, што би значело дека ќе го изгуби парламентарниот имунитет.

Неговата оставка дојде на истиот ден кога Марибел Вилаплана, локална новинарка со која Мазон ручал на денот на поплавите, треба да сведочи пред судија кој ја истражува кривичната одговорност на властите за смртните случаи, заклучи Ројтерс.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ