„Да го ослободиме Вашингтон!“ скандираа демонстрантите пред ресторанот за брза храна Шејк Шек.
Делејќи бургери на војниците распоредени од Доналд Трамп минатата недела, со министерот за одбрана Пит Хегсет и заменик-шефот на кабинетот на Белата куќа, Стивен Милер, Венс им рече на војниците дека ценат сè што тие прават. „Го вративме законот и редот“, рече тој.
„Од Вашингтон до Палестина, окупацијата е злосторство“, скандираа демонстрантите. Некои ги пцуеја тројцата мажи додека влегуваа во Јунион стејшн и додека се собираа во ресторанот, продолжија и додека се обидуваа да разговараат со новинарите, за на крајот да ги испратат извикувајќи навреди.
Кога го прашаа зошто војниците биле на станицата, наместо во областите на градот каде што стапките на криминал се статистички повисоки, Венс рече дека Вашингтон е преплавен со „скитници, зависници од дрога, бездомници и ментално болни“ и дека посетителите не се чувствуваат безбедно.
„Ова треба да биде споменик на американската величина“, рече тој. „Не мора да живееме вака“, додаде Венс. „Малку е бизарно што имаме група стари, претежно белци кои протестираат против политиките што ги одржуваат луѓето безбедни, а тие самите никогаш не почувствувале опасност во целиот свој живот“, рече тој за демонстрантите.
Vice President JD Vance was booed and heckled at Union Station, where he went to thank National Guard members and meet them for lunch at a Shake Shack alongside Pete Hegseth and Stephen Miller. pic.twitter.com/u4HhPOwuNd
— 7News DC (@7NewsDC) August 21, 2025
„Да, да го ослободиме Вашингтон, за младите семејства да можат да се шетаат и да се чувствуваат безбедно и заштитено. Тоа е она од што се обидуваме да го ослободиме Вашингтон“, додаде Венс на скандирањата на демонстрантите.
Милер беше уште поостар, омаловажувајќи ги демонстрантите како „луди комунисти“. „Ќе ги игнорираме овие глупави бели хипици кои сите треба да си одат дома и да отспијат малку затоа што сите се над 90 години, и ќе се вратиме на работа за заштита на американскиот народ и граѓаните на Вашингтон“, рече тој.
Минатата недела, претседателот ја федерализираше градската Метрополитен полиција и му нареди на Хегсет да ги мобилизира трупите на Националната гарда, тврдејќи дека така се сузбива „криминалот, крвопролевањето, хаосот и бедата“ во „беззаконскиот“ главен град на нацијата, дури и кога стапката на криминал продолжува да опаѓа и моментално е на најниско ниво за 30 години.
Се проценува дека 1.900 војници се распоредени во Вашингтон. Повеќе од половина доаѓаат од држави предводени од републиканци, вклучувајќи ги Луизијана и Јужна Каролина. Освен на Јунион стејшн, војниците најчесто биле приметени во центарот на градот, вклучувајќи го Националниот мол и станиците на метрото.






