сабота, 20 декември 2025

Двегодишно девојче е избрано за нова „жива божица“ во Непал

Двегодишно девојче е избрано за нова „жива божица“ во Непал, при што членовите на семејството ја носеа од нејзиниот дом до храмовата палата во вторникот за време на најважниот хинду фестивал во земјата. Арјатара Шакја, стара 2 години и осум месеци, е новата Кумари, или „девствена божица“, која ја наследува својата претходничка, која, според традицијата, се смета за обичен смртник по достигнувањето на пубертет, објави Си-ен-ен.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Кумари се бираат од кланот Шакја, кој припаѓа на заедницата Невар, домородно население во долината Катманду. Во оваа претежно хиндуистичка нација тие се обожавани и од хиндусите и од будистите. Девојчињата се избираат на возраст помеѓу две и четири години и мора да исполнуваат строги критериуми – мора да имаат беспрекорна кожа, коса, очи и заби и не смеат да се плашат од темнина.

За време на фестивалот Индра Џатра претходно овој месец, поранешната Кумари се возела во кочија влечена од верници. Кумари секогаш носи црвена облека, косата ѝ е врзана во пунџа, а на челото ѝ е насликано „трето око“.

Вторникот го одбележа осмиот ден од Дашаин, 15-дневен фестивал што ја слави победата на доброто над злото, а канцелариите и училиштата беа затворени за луѓето да можат да слават со своите семејства. Семејството, пријателите и верниците ја придружуваа новата Кумари низ улиците на Катманду пред да влезе во храмот, кој ќе биде нејзин дом во следните неколку години.

Верниците се редеа за да ги допрат нозете на девојчето со челата, знак на почит меѓу Хиндусите во хималајската нација, и ѝ нудеа цвеќе и пари.

Новата Кумари утре ќе ги благослови верниците, вклучувајќи го и претседателот. „Вчера таа беше само моја ќерка, но денес е божица“, рече нејзиниот татко, Ананта Шакја. Тој додаде дека имало знаци дека таа ќе стане божица уште пред да се роди. „Мојата сопруга сонуваше за време на бременоста дека е божица и знаевме дека ќе биде некој многу посебен“, рече тој.

Поранешната Кумари, Тришна Шакја, сега 11-годишна, ја напушти палатата низ задниот влез во носилка што го носеа нејзиното семејство и поддржувачи. Таа стана „жива божица“ во 2017 година.

Семејствата од кланот Шакја кои ги исполнуваат условите се натпреваруваат за да бидат избрани нивните ќерки, бидејќи семејството Кумари стекнува висока позиција во општеството. Сепак, Кумарите живеат осамен живот. Тие имаат малку пријатели за игра и им е дозволено да излегуваат само неколку пати годишно за време на фестивалите.

Поранешните Кумари се соочуваат со тешкотии при прилагодувањето на нормалниот живот, учењето да работат домашни работи и посетувањето редовни училишта. Според непалскиот фолклор, мажите кои ќе се оженат со поранешни Кумари ќе умрат млади, па многу девојки остануваат немажени.

Сепак, во последниве години, традицијата се менува. На Кумарите сега им е дозволено да се образуваат во храмовата палата со помош на приватни тутори, па дури и да имаат телевизор. Владата исто така им плаќа на пензионираните Кумари месечна пензија од околу 110 долари, што е малку над минималната плата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ