петок, 19 декември 2025

Драматичен говор на молдавската претседателка: Кремљ мисли дека сите сме на продажба

Во драматичен говор до граѓаните, проевропската молдавска претседателка Маја Санду предупреди дека Москва го загрозува суверенитетот, независноста и европската иднина на нејзината земја. Говорот дојде откако властите извршија масовни рации и уапсија десетици лица осомничени за учество во руски план за дестабилизација.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Денес ви кажувам со сета сериозност дека нашиот суверенитет, независност, интегритет и европска иднина се во опасност“, рече Санду во видео обраќање синоќа, само неколку дена пред парламентарните избори закажани за 28 септември. На нив, проруските партии ќе се обидат да се спротивстават на владејачката проевропска ПАС.

Претседателката предупреди дека Русија инвестира „стотици милиони евра за да купи стотици илјади гласови на двата брега на реката Днестар, како и во странство“, додека го преплавува јавниот простор со „десетици лаги“ секој ден.

„Стотици луѓе се платени за да предизвикаат немири, насилство и да ги плашат граѓаните“, истакна Санду. „Доколку Русија успее да ја преземе контролата врз Молдавија, последиците ќе бидат директни и опасни за нашата земја и целиот регион.“

Според Асошиејтед Прес, молдавските власти спроведоа 250 рации на повеќе локации низ целата земја, насочени кон повеќе од 100 осомничени лица поврзани со план за предизвикување масовни немири. Главниот обвинител за организиран криминал, Виктор Фуртуна, изјави дека 74 лица, на возраст меѓу 19 и 45 години, се уапсени и дека можат да бидат задржани до 72 часа.

„Повеќето од осомничените систематски патувале во Србија, каде што поминувале обука. Некои од нив дури и не ја знаеле вистинската цел на овие патувања бидејќи им биле претставени како поклоненија, само за подоцна да бидат вовлечени во обука за предизвикување нереди“, рече шефот на полицијата, Виорел Чернаутеану.

Тој додаде дека истрагата „не се спроведува против политички субјекти, и покрај толкувањата, туку против документирани криминални намери на овие лица“.

По рациите, претседателката повторно изјави дека земјата е нападната од Кремљ. „Луѓето се опиени со лаги секој ден. Стотици поединци се платени да поттикнуваат насилство и да шират страв. Апелирам до сите граѓани: не смееме да дозволиме нашата земја да биде предадена на странски интереси“, рече таа.

Таа ја обвини Москва дека има сојузници во Молдавија, луѓе „кои веќе многу пати покажаа дека се подготвени да ја продадат сопствената земја за пари“.

Санду нагласи дека руското влијание во Молдавија би имало последици и за соседна Украина и за пошироката европска безбедност.

„Европа ќе заврши на границата на Молдавија. Европските средства ќе престанат. Слободата на движење би можела да исчезне. Нашата земја би можела да стане отскочна даска за инфилтрација кон Одеса. Транснистрија би била дестабилизирана“, предупреди таа.

Молдавците ќе изберат нов парламент од 101 пратеник во недела, гласање опишано како избор помеѓу продолжување на европската интеграција и свртување кон Русија. Како што пишува АП, властите долго време ја обвинуваат Москва за „хибридна војна“ што вклучува мешање во избори, дезинформации и финансирање на проруски партии.

Неколку групи што ги следат онлајн кампањите објавија дека се спроведува координирана операција за дезинформации пред изборите, со масовна употреба на вештачка интелигенција. Истражувачите велат дека се работи за нова фаза од руската активност, која вклучува лажни веб-страници, ангажирање на „фарми за кликови“ во Африка и ботови со вештачка интелигенција кои ги преполнуваат коментарите со напади врз ПАС и Европската Унија.

По почетокот на целосната инвазија на Русија врз Украина во 2022 година, Молдавија аплицираше за членство во ЕУ и доби статус на кандидат истата година. Преговорите за пристапување беа отворени минатата година, што дополнително ги зголеми тензиите со Москва.

„Кремљ мисли дека сите сме на продажба, дека сме премногу мали за да се спротивставиме, дека не сме држава, туку територија. Но, Молдавија е наш дом, а нашиот дом не е на продажба“, рече Санду во својот драматичен говор.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ