Повеќе од 150.000 луѓе ја напуштиле Украина досега, изјави денеска високиот комесар на ОН за бегалци Филипо Гранди.
Според него, бегалците главно одат во Полска, Унгарија, Молдавија, Романија, пренесува РИА новости.
„Повеќе од 150.000 украински бегалци досега ги поминале границите на соседните земји, од кои над половина заминале во Полска. Раселувањето во рамките на Украина исто така расте, но воената ситуација го отежнува проценувањето на бројот и давањето помош“, напиша Гранди на Твитер.
Воз со бегалци од Украина денеска пристигна во Чешка на железничката станица Бохумин на истокот од земјата, соопшти чешката државна железничка компанија. Првично во возот биле нешто повеќе од десетина жени и деца. Како причина за толку малиот број беа наведени информативниот хаос и тешкотиите во сообраќајот на украинско-полската граница.
Друг чешки воз останал да чека во пограничниот град Пшемишл во југоисточна Полска за да прими повеќе луѓе.
Министерството за внатрешни работи во Прага веќе има добиено повеќе од 1.000 понуди за бесплатно сместување на бегалците од Украина. Солидарноста е голема, велат од министерството.
[video:https://www.youtube.com/watch?v=g2p-9fRaQGA autoplay:0]Бугарија ги прими етничките Бугари од Украина
Со два автобуси безбедно се превезени првите Украинци со бугарско потекло и бугарски државјани од Украина во Бугарија. Автобусите дојдоа од украинскиот град Одеса, јави бугарската државна радиостаница.
Бугарија прифати да ги прими етничките Бугари од Украина и да ги смести во хотели. Според Бугарската академија на науките, бројот на припадниците на бугарското национално малцинство во Украина е меѓу 250.000 и 500.000.
Во Полска во последните денови пристигнаа повеќе од 115.000 луѓе
И персоналот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) почна да ја напушта територијата под украинска власт и заминува во Молдавија по руската инвазија на Украина. Околу 160 возила на ОБСЕ веќе ја минале границата и влегле во Кишињев.
Набљудувачите на ОБСЕ од самопрогласените републики Доњецк и Луганск сѐ уште се на терен. ОБСЕ не ја потврди евакуацијата во Молдавија, но само соопшти дека не може да открие детали за тековниот процес.
Во Романија се потврдени околу 30.000 бегалци од Украина.
[video:https://www.youtube.com/watch?v=ToX4p1LnNrU autoplay:0]





