Шефовите на самопрогласените народни републики Доњецк и Луганск Денис Пушилин и Леонид Пасечник побараа од рускиот претседател Владимир Путин помош во одбивањето на „агресијата на украинските сили“ за да се избегнат цивилни жртви, кажа портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.
„Претседателот на Русија Владимир Путин прими писма од шефовите на Луганската Народна Република Леонид Пасечник и Доњецката Народна Република Денис Пушилин. Шефовите на овие републики, во свое име и во име на својот народ, уште еднаш му изразија благодарност на претседателот на Русија за признавањето на нивните држави“, кажа Песков. Тој кажа и дека Пушилин и Пасечник напоменале дека ситуацијата во Донбас е сè уште напната и дека луѓето продолжуваат да се евакуираат.
Пентагон соопшти дека верува дека „дополнителни руски воени сили тргнале“ кон областите Доњецк и Луганск во Украина, изјави секретарот за печат Џон Кирби за време на денешниот брифинг.






