Медиумите во БиХ денес објавија преписка која Додик, во својство на член на Претседателството на БиХ, со посредување на руската мисија во ОН, му ја испратил на генералниот секретар Антонио Гутереш, во која тврди дека БиХ нема став во однос на украинската криза.
Руските дипломати на Гутереш му го проследиле писмото од Додик во кое тој тврди дека амбасадорот на БиХ во ОН Свен Алкалај нема овластувања да ја поддржи резолуцијата со која се планира осуда на руската агресија, барајќи да му се оневозможи гласање кога ќе се одлучува за тој документ.
Додик го обвинил амбасадорот и дека ја злоупотребува својата позиција загрозувајќи го со тоа процесот на помирување и досега постигнатите реформи во Босна и Херцеговина.
„Босна и Херцеговина треба да биде објективна и неутрална и да не поддржува ниедна страна во овој конфликт, туку да даде поддршка на мирот и мировното решение во оваа ситуација“, се наведува во писмото на Додик кое го објави порталот Кликс.
Додал дека во случај на игнорирање на неговото писмо ќе настане ситуација на незаконско претставување засновано врз лажно претставување исклучиво со цел дезинформирање кое не ја одразува вистинската состојба во БиХ, што дополнително ќе ја дестабилизира ситуацијата во неговата земја.
Генералното собрание во вторникот со гласовите на 141 држава, меѓу кои и БиХ, ја осуди руската агресија на Украина и повика на итно повлекување на руската војска.






