Додик оцени дека ставовите на Европскиот парламент за БиХ покажуваат дека европските парламентарци не знаат што се случува во БиХ и дека имаат погрешни информации, како и дека „веројатно се информираат од медиумите кои веќе еден месец, секој ден, ексклузивно најавуваат војна во Украина“.
Според него, Европскиот парламент демонстрирал „таков недостиг од демократичност што тој првпат сериозно се прашал дали воопшто постојат европски вредности“.
„На мене веќе ми е пресудено, а без некој да ме праша нешто. Никој не дојде во Република Српска за да види за што станува збор. И што е најлошо, никој од тие парламентарци кои кренале рака не го погледнал Уставот на БиХ, достапен на интернет, бидејќи ако го погледнал, немало да ги заземат ставовите кои ги заземале, ниту би се слушнале квалификациите кои се слушнаа“, кажа Додик.
Тој го постави прашањето дали „504 сериозни луѓе можат и да помислат дека една држава се распаѓа, поради тоа што за неа критички зборува еден човек и дали се сериозни ако мислат дека во БиХ ќе процветаат ружи само ако некому му се воведат санкции“.
„Наместо да се потрудат да разговараат со нас, се решија да разговараат за нас. Во такви услови е јасно дека и ставовите на парламентот не можеле да бидат поинакви. Со сето уважување на европските институции јас не мислам да се откажам од легалните и легитимните политички активности во одбраната на Република Српска“, заклучи тој.
Европскиот парламент усвои амандман со годишниот извештај на Одборот за надворешни работи во кој се повикува Европскиот совет да воведе санкции против Додик и неговите соработници.






