„НАТО два пати ги бомбардираше Србите брз одобрување на Советот за безбедност на ОН и не е фер од Србите да се очекува да имаат симпатии кон оние кои фрлаа бомби врз нив“, изјави Додик.
Тој истакна дека бомбардирањето го формирало колективното чувство на Србите кон Алијансата, и дека Србија, како и Русите, се сомничави кога станува збор за улогата на НАТО во Европа.
Порача дека неговата агенда не е поврзана со руската и дека Босна и Херцеговина треба да остане неутрална среде растечкиот страв од руска инвазија на Украина.
Според него, Западот го игнорирал мислењето на Србите во БиХ кога станува збор за воочените опасности во мултиетничките општества и ограничувањето на надворешното влијание, додека претседателот на Русија Владимир Путин и премиерот на Унгарија Виктор Орбан го прифатиле тоа.
„Сочувствувам со Русија која верува дека нејзината безбедност е неповредлива и дека треба да се брани. Путин никогаш не ми кажал дека морам што било да направам и секогаш го почитувал Дејтонскиот договор“, наведе Додик.
На прашањето дали е спремен да ги оствари своите закани во врска со повлекувањето на Република Српска од институциите на ниво на БиХ, Додик одговори потврдно, кажувајќи дека Република Српска треба сериозно да се сфати и дека Србите се убедени дека се во право.
Тој, меѓутоа, особено истакна дека нема да ризикува избивање насилство за спроведување на зацртаните цели.
„Не сакам војна. Тоа не е нашата агенда. Нема да го жртвувам мирот за статусот на Република Српска“, кажа српскиот член на Претседателството на БиХ.
Истакна дека БиХ мора да ги задржи границите воспоставени со Дејтонскиот договор и пошироката автономија за сите три конститутивни народи во БиХ, со напомена дека е нарушена рамнотежата на моќта и дека на Бошњаците им е овозможено поголемо влијание.
„Уставните надлежности се променија. На ниво на БиХ се дадени несоодветни овластувања. Не сме одушевени од БиХ и таа ни е наметната“, кажа Додик.






