Додик, заедно со членката на Претседателството на БиХ Жељка Цвијановиќ и вршителката на должноста претседателка на РС Ана Тришиќ Бабиќ, беа во Вашингтон оваа недела, а сите тројца можеа да отидат таму бидејќи администрацијата на Доналд Трамп ги укина долгогодишните санкции под кои беа со години.
Тие учествуваа на молитвениот појадок на кој зборуваше и Трамп, и се фотографираа со некои функционери, како што е министерот за одбрана Пит Хегсет.
По враќањето во Бања Лука, Додик им рече на новинарите дека неговиот престој во Вашингтон е доказ дека РС конечно успеала да ја пробие изолацијата и блокадите.
Тој рече дека тој, Цвијановиќ и Тришиќ Бабиќ се сретнале со 14 конгресмени и двајца сенатори и дека имале „јавни и тајни состаноци“, вклучувајќи некои во Белата куќа, и тврдеше дека таму наишол на разбирање за сè што кажал, вклучително и за проценката дека во Босна и Херцеговина „муслиманите ги загрозуваат христијаните“.
„Не сме се откажале од нашите основни цели. Им кажавме дека Дејтонскиот договор е срушен“, рече Додик, додавајќи дека за Србите Босна и Херцеговина е „неприфатлива“ и дека ќе бара поддршка за таквиот став од Србија, како потписничка на Дејтонскиот договор.
Тој исто така најави дека ќе ги поддржи Хрватите во секој обид да ги заштитат своите права како конститутивен народ, им рече на Бошњаците дека разделувањето односно распадот на Босна и Херцеговина е неизбежен и предвиде и дека Европската Унија ќе се распадне во рок од една година.
„Ќе се разделиме на мирен начин“, рече Додик, потврдувајќи дека не се откажува од сецесионистичката политика.
Тој посочи дека веќе има планови што не сака да ги презентира сега и нема да го стори тоа додека не се подготви теренот за нивно спроведување, тврдејќи дека глобалните промени создаваат „поволни околности за РС“.
Американската администрација потврди само една официјална средба со некои од претставниците на РС оваа недела. Станува збор за средба меѓу Цвијановиќ и Кристофер Ландау, заменик-државен секретар на Марко Рубио.
Стејт департментот накратко го коментираше состанокот со соопштение во кое се наведува дека заменик-шефот на американската дипломатија го потврдил интересот на САД за проширување на економската соработка со БиХ и изјавил дека завршувањето на гасоводот Јужна интерконекција е стратешки енергетски приоритет.
Министерот за надворешни работи на БиХ Елмедин Конаковиќ претходно во текот на денот изјави дека она што го објави Стејт департментот е всушност единственото важно нешто, за разлика од тврдењата на Додик и Цвијановиќ што ги изнесоа коментирајќи за својот престој во Вашингтон.
„Никаков говор за какво било отцепување, а тие најавија дека ќе разговараат за тоа, за тоа како муслиманите наводно доминираат над христијаните во БиХ и за сите оние теми со кои Милорад Додик со години ја заморува јавноста. Очигледно, овие теми и тези не можеа да се најдат на маса со толку сериозни соговорници. Значи, заклучокот е дека Цвијановиќ и нејзините соработници конечно направија нешто добро за БиХ“, изјави Конаковиќ за агенцијата Фена.






