„Употребата на Ватсап воопшто ја нема. Практично не постои. Ватсап е мртов, а Телеграм умира. Во исто време, употребата на Макс брзо расте“, рече Осеевски на конгрес на Рускиот сојуз на индустријалци и претприемачи.
Русија агресивно ја промовира својата апликација за пораки Макс, социјална мрежа без енкрипција, додека ги блокира Ватсап и Телеграм, двете најпопуларни апликации меѓу корисниците во земјата.
Воведувањето на Макс предизвика загриженост кај критичарите и организациите за дигитални права, кои предупредуваат дека Москва би можела да ја користи апликацијата за следење на граѓаните и дополнително ограничување на дигиталните врски со Западот.
„Сите податоци што минуваат низ оваа апликација може да се сметаат за достапни за нејзиниот сопственик, во овој случај руската држава“, изјави за АФП експертот за сајбер безбедност Батист Робер, директор на француската компанија Предикта лаб.
Апликацијата, лансирана во 2025 година од рускиот технолошки гигант ВК, често се споредува со кинескиот Вичет бидејќи комбинира социјална мрежа и комуникациска платформа, со пристап до владини услуги, дигитална лична карта, банкарство и плаќања.
Иако официјално не е задолжителна, властите јасно ставија до знаење дека животот без Макс ќе станува сè потежок. Рускиот претседател Владимир Путин ја промовира како побезбедна платформа што ги задоволува барањата на земјата за „технолошки суверенитет“.
Москва со години спроведува таква стратегија. „Ова е кулминација на политиките насочени кон создавање суверен интернет“, изјави за АФП Мариел Вијермарс, вонредна професорка по управување со интернет на Универзитетот во Мастрихт.
„Русија сака да го преобликува интернетот за подобро да контролира што се објавува, вклучително и преместување на сите корисници на платформи што се контролираат од државата“, додаде таа.
Макс е претходно инсталиран на телефони и таблети што се продаваат во Русија од септември. Дизајнот на апликацијата наликува на Телеграм. За разлика од Телеграм и Вaтсап, Макс е на рускиот список на одобрени дигитални услуги кои остануваат достапни дури и за време на сè почестите намерни прекини на интернетот, за кои властите велат дека се неопходни за одбрана од напади со украински беспилотни летала.
Првично, беше достапен само за корисници со руска или белоруска СИМ-картичка, но сега е достапен и на англиски јазик и за корисници од уште 40 земји што Русија ги смета за „пријателски“, како што се Куба, Пакистан и земјите од Централна Азија.
Апликацијата не е достапна во Европската Унија или Украина. И покрај ова, украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека ќе се обиде да се инфилтрира. Една од причините зошто Русија сака да го потисне Телеграм е тоа што платформата стана алатка што ја користи Украина за регрутирање Руси за саботажи, вклучително и атентати.






