Иако премиерот Махинда Раџапакса поднесе оставка поради масовните протести низ земјата, тоа не ги смири гневните граѓани кои се обидувале да влезат во неговата официјална резиденција. Многумина од нив бараат неговиот брат Готабаја Раџапакса да даде оставка на местото претседател.
Вчера поддржувачите на владата насилно се судрија со демонстрантите во главниот град Коломбо пред премиерската резиденција, а потоа и во близок парк.
Се пробиле низ полицијата и со палки ги нападнале демонстрантите. Полицијата потоа ја смирила ситуацијата со солзавец и водени топови.
Демонстрантите решиле да се одмаздат за овој напад и во текот на ноќта низ земјата палеле куќи кои им припаѓаат на семејството Раџапакса, разни министри и пратеници, вклучувајќи ја и куќата која браќата Раџапакса ја претвориле во контроверзен музеј во селото на своите предци на југот на Шри Ланка.
PM Mahinda Rajapaksa’s ancestral home in Madamulluna has been set on fire. pic.twitter.com/JAN52w5Gxw
— DailyMirror (@Dailymirror_SL) May 9, 2022
Во петокот претседател Готабаја Раџапакса прогласи вонредна состојба во државата, со што ги прошири овластувањата на војската среде засилените протести против власта.
Тој се одлучил на тој потег поради тоа што општиот штрајк низ земјата ги затвори училиштата, јавната управа и продавниците, а десетици илјади луѓе излегоа на улиците барајќи оставка од претседателот и неговата влада.
Шри Ланка минува низ најголемата економска криза откако прогласи независност од Британија во 1948 година. Државните девизни резерви практично пресушија, а граѓаните не можат да си ги дозволат најосновните нешта, вклучувајќи храна и лекови.
[video:https://youtu.be/HMGPC3AgDG8 autoplay:0]





