четврток, 18 декември 2025

Демонстрации низ цела Британија, „Вратете ги мигрантите назад“ (ВИДЕО)

Протести против имгранцијата се одржаа низ цела Британија во неделата пред хотелите каде што се сместени баратели на азил, еден ден откако полицијата мораше да ги одвои демонстрантите од нивните противници во неколку градови поради зголемените тензии околу имиграциската политика на владата.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Лабуристичката влада на премиерот Кир Стармер е под притисок да го исполни ветувањето за прекин на користењето на хотелите за сместување на баратели на азил, што чини милијарди фунти годишно.

Протести редовно се одржуваат пред хотелите каде што се сместени барателите на азил во Велика Британија во последните недели, делумно поттикнати од загриженоста за јавната безбедност откако мигрант од еден таков хотел во источен Лондон беше обвинет за сексуален напад.

Во неделата низ целата земја се одржаа протести, вклучително и во Епинг, источно од Лондон, Бристол и Бирмингем. Судот минатата недела нареди иселување на барателите на азил од хотел во Епинг, кој се најде во фокус на протестите. Владата планира да поднесе жалба.

Демонстрантите повторно се собраа таму во неделата, мавтајќи со британски знамиња и држејќи транспаренти со пораки „Епинг вели не“ и „Запрете ги чамците“. Демонстранти против имигрантите се собраа во саботата во помал број во градовите низ Англија, Шкотска и Велс.

Најџел Фараж, лидер на популистичката партија „Да ја реформираме Велика Британија“, која во последните недели се искачи на врвот на анкетите, ги изложи плановите за масовна депортација на мигранти кои пристигнале во земјата од Европа во мали чамци доколку неговата партија победи на изборите.

Фараж за Тајмс изјави дека ќе ја повлече земјата од Европската конвенција за човекови права, ќе преговара за договори за репатријација со земји како Авганистан и Еритреја и ќе изгради засолништа за 24.000 мигранти.

Британската влада објави дека ќе го реформира жалбениот процес во постапките за азил за да го забрза донесувањето на одлуките, да го намали бројот на нерешени случаи и постепено да го укине користењето на хотелите за сместување на барателите на азил. Планот е да се формира независно тело кое ќе се занимава со жалбите во постапките за азил со цел да се намали бројот на нерешените 106.000 случаи, вклучувајќи 51.000 жалби кои на решение чекаат во просек повеќе од една година.

Министерката за внатрешни работи Ивет Купер изјави дека целта е „враќање на контролата и редот“ во систем за кој таа рече дека бил „во целосен хаос“ кога лабуристите дошле на власт минатата година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ