Според весникот Политикен, „ноќната стража“ започнува со работа секој ден во 17 часот по локално време, а до 7 часот наутро подготвува извештај што се доставува до данската влада и надлежните оддели. Во него се сумира сè што американскиот претседател изјавил или направил во текот на ноќта.
Се верува дека оваа позиција е создадена како директна последица на дипломатскиот спор меѓу Копенхаген и Вашингтон што се случи оваа пролет, кога Трамп се закани дека ќе ја преземе контролата врз арктичкиот остров. Политикен нагласува дека оваа иницијатива е само еден пример за прилагодување на данската дипломатија на новата реалност на втората администрација на Трамп.
Извор близок до Министерството за надворешни работи го потврди ова за Гардијан. „Фер е да се каже дека ситуацијата во Гренланд и временската разлика помеѓу Данска и САД беа доста важен фактор во воведувањето на овој аранжман во текот на пролетта“, рече тој.
Наместо сите службеници панично да ги проверуваат своите телефони штом ќе се разбудат, одделот направи „колективен напор“ систематски да ги следи активностите на Трамп. Јаков Каарсбо, поранешен главен аналитичар во Данската агенција за одбранбено разузнавање, верува дека овој развој покажува, „како што отсекогаш знаевме“, дека идејата за САД како најголем и најважен сојузник на Данска е мртва.
„Сојузите се градат врз основа на заеднички вредности и заедничка перцепција на закана“, рече Каарсбо. „Трамп не дели ниту едно од овие со нас, а би рекол дека тоа не го дели ни со мнозинството Европејци“, рече тој.






