Од Монако, каде што е во официјална посета, Вучиќ синоќа за ТВ Пинк изјави дека притисокот врз Србија по одлуката на Путин ќе биде многу поголем од кога било, со барање да ѝ воведе санкции на Русија.
Како што вели, веќе имал такви повици и „жешки линии“, но дека Србија „ќе ги издржи сите притисоци“.
Тој оцени дека настаните поврзани со украинската криза ја уништуваат целокупната безбедносна архитектура на светот и дека ја доведуваат Србија во ситуација во која има голем број предизвици од политички, безбедносен и економски карактер.
„Како некој ќе се однесува и кој што ќе направи, никој не може да предвиди. Сè што знаевме до вчера денеска веќе не постои. Она што ни е важно е дека нашата посветеност на мирот мора да биде цврста, силна, а нашата сила за одвраќање на еден потенцијален агресор мора да биде уште поголема и појака“, рече Вучиќ.
Вучиќ истакна дека Србија има силна економија и дека ќе помине и низ оваа меѓународна криза „не лесно, но полесно од многу други“, бидејќи има „стабилен фискален систем“.
Официјален Белград има блиски политички и економски врски со Москва, а Кремљ не ја признава самопрогласената независност на Косово, која Србија ја смета за своја територија, иако од неговото прогласување во 2008 година, Косово е признаено од водечките западни земји, но не и од пет членки на ЕУ и од Ватикан.
Дачиќ: Да не се нарушат пријателските односи со Русија
Претседателот на Собранието на Србија во технички мандат Ивица Дачиќ оцени дека во однос на украинската криза „има доволно простор за дипломатија, но таа дипломатија ја има сѐ помалку“, особено ако следува офанзива на украинските сили.
„Набљудувајќи од позиција на државник на Србија, морам да кажам дека сите сме многу загрижени за оваа ситуација. Свесни сме дека имаме проблеми со територијалниот интегритет и дека ќе бидеме под притисок да одлучиме за некои мерки што треба да се преземат“, изјави Дачиќ за провладината ТВ Хепи. Тој рече дека е важно Србија да „се грижи за своите интереси“, како и „да не се нарушат пријателските односи со Русија“.
Без разлика на притисоците, српскиот народ никогаш нема да застане на страната на оние што му се непријатели на рускиот народ, рече Дачиќ, додавајќи дека „лесно е да се почнуваат војни на туѓи територии“. Тој рече дека Србија „сигурно нема да си ги крвави рацете во братоубиствена војна“.
Шешељ му честиташе на Путин
Во исто време, лидерот на радикалите (СРС) Воислав Шешељ „му честиташе“ на рускиот претседател „од срце“ за одлуката да ги признае народните републики Доњецк и Луганск.
Шешељ во изјавата рече дека „Србија под никакви околности не треба да подлегне на притисокот и да се приклучи во западните санкции против братска Русија“.
Иако СРС е вонпарламентарна партија, Шешељ рече дека Собранието ќе иницира признавање на двете сепаратистички републики, вклучувајќи ги Крим и Севастопол, „како интегрални делови на Русија“.






