Тој кажа дека затегнатите односи со Украина траат најмалку осум години и дека уште во 2014 година Западот ѝ воведе санкции на Русија поради анексијата на Крим.
„Србија не се приклучи на санкциите бидејќи од првиот момент имаше јасна и принципиелна позиција на која е и денес“, истакна Дачиќ.
„Ние од првиот момент истакнавме дека ги почитуваме суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, вклучувајќи го и Крим, затоа што и самите бараме истото да се почитува и во нашиот случај“, кажа Дачиќ додавајќи дека Србија смета дека независноста на Косово, кое го смета за дел од својата територија, е прогласена нелегално во 2008 година.
Дачиќ објасни дека Србија одлучила да не ѝ воведува санкции на Русија бидејќи „економските санкции и кој било друг вид притисок не можат да бидат начин за решавање на меѓународните проблеми“.
„Нашиот став е зајакнат со тоа што и ние самите не така одамна бевме изложени на економски санкции и знаеме дека таа мерка им штети само на граѓаните и никако не носи политички резултат“, кажа тој.
Дачиќ кажа и дека економските последици на војната во Украина се огромни, но дека Србија има доволно резерви на гориво и храна.
Србија, покрај Белорусија, е единствената држава во Европа која не ѝ воведе санкции на Русија.






