Дачиќ повтори дека Русија помага да се заштитат државните и националните интереси на Србија, бидејќи, како што рече, не дозволува Косово да „мине“ низ Советот за безбедност на ОН.
„Ние сме ѝ вечно благодарни на Русија што го крена гласот против резолуцијата за Сребреница во 2015 година. Русија е единствената земја што ќе стави вето на признавањето на Косово во Советот за безбедност, додека западните земји нема да го повлечат признавањето, туку ќе продолжат да го туркаат тоа. Дали тогаш нам ни се исплаќа да ѝ воведуваме санкции на Русија? Со тоа нема да ѝ наштетиме на Русија, но ќе си наштетиме себеси“, изјави Дачиќ за ТВ Прва.
Тој потсети дека во рамките на претпристапните преговори за членство во ЕУ, Србија се обврза постепено да ја усогласува својата надворешна и безбедносна политика со Унијата, но додаде дека Белград „веднаш ќе се усогласи“ доколку утре стане членка на ЕУ.
„Погрешно е да се каже дека некој е на страната на Русија, јас сум на страната на Србија, но тој што се залага за санкции против Русија тој е против српските интереси“, рече Дачиќ.
Говорејќи за претстојните избори, Дачиќ повтори дека е „најдобро за Србија“ тој да биде премиер, а Александар Вучиќ да продолжи да биде претседател.
„Мислам дека е многу важно за политичката стабилност на Србија во овие турбулентни времиња кормилото на управувањето со земјата да биде во сигурни раце. Мое мислење е дека најдобро е Србија да го има Вучиќ за претседател, а Дачиќ за премиер“, додаде лидерот на СПС.






