Вредната авангардна слика била оштетена од чувар на кој му било „здодевно“, и им доцртал очи на безличните фигури во уметничкото дело во руска галерија. Оштетувањето на сликата, која е во сопственост на галеријата Третјаков во Москва, посетителите го забележале уште во декември, но поради „малата“ штета полицијата не сакала да реагира, но сега е утврдено кој е вандалот, пишува Гардијан.
„Три фигури“ на Ана Лепорскаја се насликани помеѓу 1932 и 1934 година и биле осигурани на 75 милиони рубљи (1,3 милиони долари, 740.000 фунти). Делото било изложено како дел од изложбата на апстрактна уметност во Претседателскиот центар Борис Елцин во Екатеринбург.
Александар Дроздов, извршниот директор на центарот Елцин, во изјавата не го идентификуваше чуварот, но рече дека работел за приватна компанија за обезбедување и дека бил отпуштен. Кустосот на изложбата, Ана Решеткина, рече дека сликата е вандализирана со „пенкало брендирано од центарот Елцин“.
„Неговите мотиви сè уште не се познати, но управата смета дека тоа се должи на неразумност“, рече таа.
A ‘bored’ security guard destroys a $1 million painting by drawing eyes on it during his first day on the job.
Faceless figures were depicted in artist Anna Leporskaya’s ‘Three Figures’ (1932–1934) painting, which was on display at an art gallery in Russia. pic.twitter.com/HZ65XC1KS9
— TRT World (@trtworld) February 10, 2022
„Мастилото малку навлезе во слојот на бојата, бидејќи титаниумската бела боја што се користи за фарбање на лицето не е покриена со авторски лак, како што тоа е често случај во апстрактното сликарство од тоа време“, пишува Иван Петров во Арт њузпејпр, кои први известија за настанот.
„За среќа, вандалот цртал со пенкало без силен притисок, па така релјефот во целина не е нарушен“, вели Петров.
На 7 декември вандализмот први го забележале двајца посетители кои алармирале кај вработен во галеријата. Сликата била отстранета од изложбата и вратена во галеријата Третјаков во Москва.
Експертите за реставрација во Третјаков проценуваат дека реставраторската работа би чинела 250.000 рубљи (4.600 долари).
Центарот Елцин ја пријавил штетата во полиција на 20 декември, но Министерството за внатрешни работи на Екатеринбург првично одбило да поднесе тужба бидејќи штетата била оценета како „незначителна“. Руските медиуми објавија дека Министерството за култура подоцна се пожалило до канцеларијата на јавното обвинителство за нереагирање, а минатата недела полицијата објави дека отворила истрага. На осомничениот му се заканува парична казна и затвор до три месеци.
Оттогаш, центарот Елцин поставил заштитни паравани над преостанатите дела на изложбата.
Ова не е прв пат слика да биде вандализирана во Русија: во 2019 година, еден човек бил осуден на две и пол години затвор откако ја „нападнал“ сликата на Иван Грозни во Третјаков, кинејќи ја со столб од бариерата за заштита на делото. Истото дело било нападнато и во 1913 година од ментално болен човек кој со нож ја исекол три пати.






