Во изјавата се повторува повикот Зеленски да биде поканет на преговорите, истовремено се поздравуваат напорите на Трамп „да ја заврши агресивната војна на Русија“, но исто така се предупредува дека: „Народот на Украина мора да има слобода да одлучува за својата иднина“.
Ја потпишаа сите членки на ЕУ освен Унгарија.
Вчера, на прашањето на новинар дали Зеленски ќе биде присутен на преговорите, Трамп одговори: „Тој не беше дел од нив. Би рекол дека може да дојде, но беше на многу состаноци, таму е три и пол години и ништо не се случи“.
Целосен текст на изјавата на 26-те лидери на ЕУ
„Ние, лидерите на Европската Унија, ги поздравуваме напорите на претседателот Трамп да ја прекине агресивната војна на Русија против Украина и да постигне праведен и траен мир и безбедност за Украина.
Праведен и траен мир кој носи стабилност и безбедност мора да го почитува меѓународното право, вклучувајќи ги принципите на независност, суверенитет, територијален интегритет и дека меѓународните граници не можат да се менуваат со сила.
Народот на Украина мора да има слобода да одлучи за својата иднина. Патот кон мирот во Украина не може да се одлучи без Украина. Значајни преговори можат да се водат само во контекст на прекин на огнот или намалување на непријателствата.
Руската војна против Украина има пошироки последици за европската и меѓународната безбедност. Го делиме убедувањето дека дипломатското решение мора да ги заштити виталните безбедносни интереси на Украина и Европа.
Европската Унија, во координација со САД и други истомисленици, ќе продолжи да обезбедува политичка, финансиска, економска, хуманитарна, воена и дипломатска поддршка на Украина додека таа го остварува своето инхерентно право на самоодбрана.
Исто така, ќе продолжи да одржува и воведува рестриктивни мерки против Руската Федерација.
Украина способна за ефикасна одбрана е клучен дел од сите идни безбедносни гаранции. Европската Унија и земјите-членки се подготвени дополнително да придонесат на безбедносните гаранции врз основа на своите надлежности и способности, во согласност со меѓународното право, со целосно почитување на безбедносните и одбранбените политики на поединечните земји-членки и земајќи ги предвид безбедносните и одбранбените интереси на сите земји-членки.
Европската унија го нагласува инхерентното право на Украина да ја избере својата судбина и ќе продолжи да ја поддржува Украина на нејзиниот пат кон членство во ЕУ“, се вели во изјавата.






