понеделник, 19 јануари 2026

Чиле: Состојба на катастрофа во два региона, шумски пожари однесоа 16 животи, 20.000 луѓе принудени на евакуација

Габриел Бориќ, претседателот на Чиле, рано утрово прогласи состојба на катастрофа во два региона на југот од земјата, откако разорните шумски пожари предизвикаа евакуација на најмалку 20.000 луѓе и одзедоа животи на најмалку 16 лица, пренесува Ројтерс.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Според чилеанската агенција за шумарство, пожарникарите до утрово се бореле со 24 активни пожари низ целата земја, од кои најголемите се во регионите Њубле и Био Био, каде што владата прогласи вонредна состојба. Регионите се наоѓаат околу 500 километри јужно од главниот град Сантијаго.

“Со оглед на сериозните шумски пожари кои сè уште траат, одлучив да прогласам вонредна состојба во регионите Њубле и Био Био. Сите ресурси се на располагање”, напиша Бориќ во објава на мрежата Икс.

Министерот за безбедност Луис Кордеро изјави пред новинарите утринава дека се потврдени 15 смртни случаи во регионот Био Био, со што вкупниот број се искачи на 16, откако владата потврди еден смртен случај во Њубле во саботата.

Пожарите досега зафатија речиси 8.500 хектари во двата региона, загрозувајќи повеќе локални заедници, поради што властите издадоа наредби за евакуација.

Чилеанската агенција за итни случаи Сенапред соопшти дека речиси 20.000 луѓе се евакуирани и дека најмалку 250 куќи се уништени.

Властите велат дека неповолните услови, како што се силните ветрови и високите температури, придонеле за ширење на пожарот и ги отежнале обидите на пожарникарите да го стават под контрола.

Чиле и Аргентина се справуваат со екстремни температури и топлотни бранови од почетокот на годината, на почетокот на овој месец разорни шумски пожари избија и во Патагонија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ