На прашањето на новинарите дали Чешка ќе се придружи на заедничката изјава на европските земји во која се предупредува на воведување американски царини, Бабиш одговори дека ги смета САД за лидер во рамките на НАТО. „Не можам да го кажам тоа. Ние велиме дека во рамките на НАТО САД се лидер. Овие конфликти се контрапродуктивни и треба да постигнеме договор“, рече Бабиш.
За да се снајде во ситуацијата, премиерот објасни дека купил глобус. „Прекрасен, голем, за 15.000 круни (620 евра) за да точно да видам каде е Гренланд. „Орешник“ би долетал од Русија до Белата куќа за 26 минути, а во единаесеттата минута би бил веднаш над Гренланд. Значи, аргументите на претседателот Трамп за Кина и Русија се релевантни. Едноставно мора да се договориме. Сите повици или декларации се бесмислени“, додаде Бабиш.
Настаните поврзани со Гренланд се интензивираа од почетокот на годината. Според Трамп, САД итно треба да го преземат островот богат со минерали за сопствена безбедност. Американскиот претседател, меѓу другото, тврди дека руски и кинески бродови се движат околу островот и дека, доколку САД не го преземат, Русија или Кина ќе го преземат. Затоа изрази желба да го купи островот од Данска.
Во саботата, Трамп објави дека почнувајќи од 1 февруари ќе ги зголеми увозните тарифи за осум земји кои се противат на преземањето на Гренланд од страна на САД. Тоа се Данска, Шведска, Франција, Германија, Холандија, Финска, Велика Британија и Норвешка.






