Трупите на Киев и оние лојални на двете самопрогласени републики меѓусебно се обвинуваат за тешко гранатирање.
Говорејќи денеска за каналот „Соловјов во живо“ на Јутјуб, Едуард Басурин, портпаролот на народната милиција на Доњецк рече дека Москва „пред сè“ треба да обезбеди морална поддршка, но „јас не би одбил ништо – потребна е и воена помош, во различни форми“.
Басурин, исто така, тврди дека во Донбас се случува војна, додавајќи, „ситуацијата не е само тешка, таа е навистина критична“.
Повеќе од 60.000 луѓе од двете проруски самопрогласени држави преминаа во Русија откако беше објавена масовна евакуација во петокот, соопшти руското Министерство за вонредни ситуации.
Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, утрово ја опиша ситуацијата во Донбас во Украина како „исклучително напната“, додавајќи дека Путин наскоро треба да се обрати пред рускиот Совет за безбедност. „Ситуацијата е навистина исклучително тензична и засега не гледаме знаци за намалување на нивото на тензијата. Провокациите и гранатирањето стануваат сѐ поинтензивни, се разбира, ова е причина за голема загриженост“, рече тој.






