Бугарското државјанство по инвестициска шема со која следуваат државјанство и пасош на ЕУ за богатите државјани од трети земји е под зголемена контрола на локално ниво и на ниво на ЕУ поради стравувањата од перење пари и други финансиски криминали. Во Малта, држава со слична шема, се појави загриженост дека криминалците и оние што се вклучени во проневера, измама и перење пари добиваат пасоши без соодветен систем за контрола и рамнотежа.
Во Бугарија, Русите што добија право на слободно движење низ ЕУ од бугарската држава се Дмитриј Кушаев – директор на канцеларијата на Кредит суис во Москва, Роман Нагаев – поранешен директор за инвестициско банкарство во руската банка ВТБ Капитал, како и Игор Финогенов, поранешен директор на Евроазиската банка за развој, пренесува истражувачката веб-страница Бирд.
Еден од критериумите за добивање бугарско државјанство според шемата е да се инвестира во економијата преку имот, бизнис или банкарски депозити.
Кушаев, Нагаев и Финогенов не поседуваат имот во Бугарија, ниту поседуваат или управуваат со фирми. Тоа значи дека тие не инвестирале во реалната економија, туку веројатно купиле бугарски државни хартии од вредност, односно државен долг. Другата опција предвидена со законот за бугарско државјанство е да се депонира готовина во некоја бугарска банка, но истрагата покажа дека многу апликанти зеле заеми за да го направат депозитот.
Новата бугарска владејачка коалиција, која дојде на власт во декември, ветува дека ќе ја прекине можноста за добивање „златни пасоши“ во земјата во следните неколку недели. Вкупно 97 странци поседуваат бугарски „златни пасоши“, од кои 40% се Руси, покажуваат податоците на Еурактив Бугарија.
Можноста за стекнување бугарско државјанство во замена за инвестиции постои од 2013 година, но не доведе до никакви материјални инвестиции. Таков е случајот и со тројцата руски банкари.
Игор Финогенов беше претседател на одборот на Евроазиската банка за развој од 2006 до 2015 година, а претходно беше помошник на рускиот министер за финансии и банкар во други банки, пишува Бирд.
Финогенов го добил бугарскиот пасош и станал бугарски државјанин на 4 јуни 2020 година. Дмитриј Кушаев станал извршен директор на Кредит суис Москва во 2016 година, а во 2021 година бил реизбран за член на одборот на директори на банката. Кога го добил бугарскиот пасош, бил вработен во Швајцарската банка во Русија. Кушаев станал бугарски државјанин на 12 март 2021 година.
Роман Нагаев е дипломиран на Универзитетот Харвард и поранешен директор за инвестициско банкарство во руската ВТБ Капитал банка. По кариерата во ВТБ, Нагаев бил назначен во одборот на директори на ПИК Груп, водечка градежна компанија во Русија во која акционер е банката ВТБ Капитал.
Откако Кипар ја прекина својата шема „пари за пасоши“ во 2020 година по широко распространетите наводи за корупција во кои беа вклучени владини претставници, Малта и Бугарија останаа единствените две земји-членки на ЕУ со ваква програма. Европската комисија беше јасна дека таквите шеми се неприфатливи, но владата на Малта продолжи со несмалено темпо.
Плановите за укинување на бугарската шема се на маса веќе неколку години, и останува да се види дали тоа ќе стане реалност, вели Еурактив.






