понеделник, 30 март 2026

„Брутално ѝ се враќаме на трагедијата во историјата“, рече Макрон во обраќање до нацијата

Објавено на

часот

Сподели

Макрон ги предводеше дипломатските напори на Европската Унија да го спречи избувнувањето војна. Тој минатиот месец го посети Путин во Москва и посредуваше меѓу рускиот лидер и украинскиот претседател Володимир Зеленски. Сега отворено го обвини Кремљ дека води непријателска политика.

„Претседателот Путин е тој што ја испровоцира војната со прекршување на сите меѓународни принципи и ветувања“, рече Макрон во вчерашното обраќање до нацијата. Тој го пофали Зеленски како персонификација на „честа, слободата и храброста“.

„Ова не е само војна меѓу Западот и Русија, како што некои веруваат. НАТО нема воена база во Украина, тоа се лаги. Русија не е загрозена, таа е агресор. Ова не е ни војна против нацизмот, и тоа е лага“, додаде Макрон.

Макрон рече дека ќе се залага за француските вредности, во говор на помалку од два месеци пред претседателските избори на кои ќе се кандидира за втор мандат, но сѐ уште не ја објавил својата официјална кандидатура.

И покрај тоа што повтори дека Франција „не е во војна со Русија“, Макрон предупреди дека многу делови од економијата на земјата ќе страдаат како резултат на инвазијата на Украина и побара од францускиот премиер да работи на план за економско закрепнување.

Зголемувањето на цените на енергијата сигурно ќе влијае на француската економија, предупреди тој.

„Утре ќе биде уште поскапо да се наполни резервоарот, да се платат сметките за парно или да се купат одредени производи“, рече Макрон. „Но зголемувањето на цените нема да биде краткотрајно“, рече францускиот претседател, додавајќи дека војната во Украина е почеток на нова ера, во која војната во Европа е реалност.

Макрон планира да изгради нови нуклеарни централи во Франција за да ја направи земјата што ја предводи помалку зависна од странски извори на енергија. Сепак, тој нема намера да застане тука, па ќе се залага и на европско ниво за елиминација на зависноста од рускиот гас. „Војната во Украина значи прекин на снабдувањето со руски гас за нашиот континент и нашата генерација“, заклучи тој.

Тој предупреди дека руските трупи го бомбардираат украинскиот главен град Киев и дека многу бегалци бегаат во соседните европски земји и ги повика сите француски државјани да ја напуштат Украина што е можно поскоро.

Макрон рече дека Франција ќе продолжи да бара прекин на огнот поради конфликтот, но додаде дека земјата ќе продолжи да го „заштитува суверенитетот“ на Украина.

„Војната во Европа повеќе не припаѓа во учебниците по историја, таа сега е меѓу нас. Демократијата веќе не е нешто во што луѓето без двоумење веруваат, таа секој ден се доведува во прашање пред нашите очи“, рече Макрон.

„На ова брутално враќање на трагедијата од историјата, мораме да одговориме со донесување историски одлуки“, рече тој. „Не можеме да зависиме од други да нѐ бранат“.

„Никогаш нема да престанам да ги штитам и да ги бранам тие вредности. Да живее Републиката. Да живее Франција“, заклучи Макрон.

[video:https://www.youtube.com/watch?v=HYycZh8qHXQ autoplay:0]
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ