Брнабиќ за телевизија Пинк кажа дека постои голем интерес на Западот за тоа што Србија не ѝ воведува санкции на Русија и истакна дека во следниот период притисоците врз Белград да го направи тоа ќе бидат посилни.
„Огромен е интересот и наметнувањето неколку теми од кои едната е зошто Србија е единствената држава која не ѝ воведува санкции на Русија“, кажа Брнабиќ. Истакна дека во следниот период на Србија ќе ѝ биде сè потешко, но дека претседателот на Србија Александар Вучиќ ја игра дипломатската игра „на неверојатен начин“, и дека на средбите користи познавање на историјата и правото, па тешко е да се имаат контра-аргументи.
Брнабиќ наведе дека изјавата на рускиот претседател Владимир Путин во врска со Косово дополнително ја отежнува ситуацијата на Србија, и дека е неверојатно колку Путин, како што кажа, го имитира сето она што Западот го правеше во 90-тите години во случајот на Србија со Косово.
Српската премиерка истакна дека Србија мора да се бори за меѓународното право бидејќи тоа ги чува нејзините интереси.
„Ние како земја мора строго да се држиме за меѓународното право, во тоа се разликуваме од другите“, кажа Брнабиќ.
Се осврна на критиките на опозицијата за економските мерки кои ги воведува владата, истакнувајќи дека колку и да се смеат и критикуваат, државата покажала дека знае да се бори во кризни времиња.
„Колку и да се смеат, ние секогаш сме чекор или два напред за нашите граѓани. Ќе биде тешко, но мислам дека покажавме дека знаеме да се бориме во кризни времиња“, кажа Брнабиќ.






