Канцеларијата на премиерот Кир Стармер соопшти дека санкциите ќе претставуваат најголем пакет мерки на Велика Британија против флотата во сенка, но не даде дополнителни детали.
Стармер ќе ги објави мерките на состанокот на лидерите на безбедносната алијанса на Заедничките експедициски сили (ЏЕФ), што ќе се одржи во петок во Норвешка. ЏЕФ се состои од 10 земји – Обединетото Кралство, петте нордиски земји, трите балтички земји и Холандија.
„Секој чекор што го преземаме за зголемување на притисокот врз Русија и постигнување праведен и одржлив мир во Украина е уште еден чекор кон безбедноста и просперитетот во Велика Британија“, рече Стармер.
„Ќе направиме сè што е во наша моќ да ја уништиме операцијата на флотата во сенка, да ја лишиме нејзината воена машинерија од приходи од нафта и да ја заштитиме подводната инфраструктура од која зависиме за нашиот секојдневен живот“, додаде тој.
Бродовите се осомничени за оштетување на подводната инфраструктура во Европа, вклучувајќи далноводи, кабли и цевководи во Балтичкото Море. Нордиските и балтичките земји, вознемирени од растечките ризици од саботажа, инсистираа на акција.
Земјите од ЏЕФ цврсто ја поддржуваа Украина, а многумина беа ужаснати од руската инвазија на нивниот сосед. Шведска и Финска, исто така, се приклучија на НАТО, со што завршија децениите на нивната неврзаност.